Оптимизам, работа и прилагодување со Заедничката земјоделска политика на ЕУ – вака ги гледам годините пред нас. Многу работа не чека, а најважно во овој процес е доброто информирање на земјоделците (директно и преку медиуми) за можностите што ги нуди членството во Европската Унија. Предностите се навистина огромни и толку потребни за македонскиот аграр и нашите вредни земјоделци. Ќе ги спомнам само субвенции земјоделство и европскиот пазар за нашите земјоделски производи.
Во долгорочниот буџет за периодот од 2021 до 2027 година за земјоделството се издвоени 386,6 милијарди евра. Средствата се поделени на два дела:
-291,1 милијарди евра за Европскиот земјоделски гарантен фонд (EAGF), кој обезбедува поддршка за приходите на земјоделците
-95,5 милијарди евра за Европскиот земјоделски фонд за рурален развој (EAFRD), кој вклучува финансирање за руралните области, климатската политика и управувањето со природните ресурси.
За таа цел прво што треба да се направи е стратегија за освојување на теренoт, институционална подготвеност и медиумска презентација.
Секој земјоделец е важен во овој процес и може да придонесе само доколку има вистински информации и не подлегнува на паушални изјави и партиски провокации. Прилагодувањето со Заедничката земјоделска политика на ЕУ е тест за единството на земјоделците и агробизнисмените кога се работи за нивните интереси и за развојот на вкупниот аграр.
За да бидеме сигурни дека ова ќе се реализира, ќе мора да се најде начин земјоделци да делуваат единствено, а тоа е возможно само доколку бидат во некоја форма на здружување. Одличен пример за тоа е Словенија, каде што сите земјоделски производители (ама буквално до еден земјоделец) се дел од Агро комора која се финансира од чланарина но државата плаќа советници задолжени за едукација, информација и теренска поддршка на членовите на комората. Кај нас веќе имаме ваква институција, тоа е Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството каде што вработените советници и сега им помагаат на земјоделците и тие можат да се стават во функција на една ваква соработка.
Медиумското информирање е од исклучителна важност за земјоделските производители. Точните информации за тоа што не очекува, какви измени, какви мерки, за што да се залагаме и кои производства ќе бидат стратешки за нашата држава, какви фондови и кои услови треба да се исполнат за нивно користење и други предности, треба постојано да се повторуваат преку медиумите. Дали тоа ќе биде преку кампањи од јавен интерес или посебни проекти, е работа и задача на Владата. Важно е само да не се остави празен простор кој сигурно ќе се пополни со лажни вести и дефетизам, а тоа не одговара на никого.
Во пакет со теренското делување, преку директни средби и отворени (непосредни) дебати, земјоделците ќе имаат можност да ја видат европската слика на македонскиот аграр.
Што се однесува до институционалната подготвеност, имав прилика да се уверам во професионализмот и посветеноста на администрацијата која се стреми кон успешно прилагодување и фаќање чекор со Заедничката земјоделска политика на ЕУ. Можам слободно да забележам дека во овој момент администрацијата е понапред од земјоделците, а институциите како Агенција за храна и ветеринарство и Платежната агенција со позитивни оценки од ЕК за напредокот кој го имаат постигнато. Во сите институции евидентна е потребата од нови вработувања и зголемување на професионалниот тим, една од препораките на Европската Комисија.
Во овој исклучително важен процес за македонскиот аграр клучна ќе биде довербата која земјоделците треба да ја имаат во луѓето кои ќе бидат дел од преговарачките тимови. Министерството за земјоделство веќе има социјални партнери но не сите имаат капацитет за ваква важна задача. Затоа, тимовите мора да се зајакнат и да се ангажираат докажани борци, признати експерти, успешни агробизнисмени и почитувани земјоделци во своите средини. Тие можат да ја завршат оваа работа. Успехот ќе биде мерлив и заеднички.
Ленче Николовска
