Најнова инвестиција од четири милиони евра беше претставена денеска во винарската визба „Тиквеш” во Кавадарци. На настанот официјално беа пуштени во употреба новата постројка и опрема за прием и примарна преработка на грозје.
Светозар Јаневски, претседател на Управниот одбор, најави и дополнителна инвестиција. Тој потсети дека годината за лозаровинарство била проблематична, имајќи ги предвид болестите на лозјата, поради што голем дел од лозарите изгубиле многу, а некои и ги напуштиле лозјата.
-Оваа година ќе имаме одличен квалитет на грозје, меѓутоа, многу мали количини, нагласи тој, информирајќи дека кај некои сорти грозје, загубата на родот е до педесет проценти.
Според него, годинава ќе има околу 65 илјади тони грозје, за разлика од пред тоа, кога имало и до 180 илјади тони грозје годишно.
Јаневски нагласи дека една од гранките што Македонија ја има и на која може да се потпре, е лозарството и винарството.
Тој рече дека и годинава очекуваат најдобро вино во винарницата.

Градоначалникот Митко Јанчев рече дека му е чест што е дел од означувањето на оваа значајна инвестиција во нашата најголема и најуспешна винарница, по која се препознатливи, не само градот Кавадарци, туку целата македонска винска индустрија.
– Ако Франција го има Бордо, Италија ја има Тоскана, Соединетите Американски Држави ја имаат Напа, ние го имаме Тиквешкото виногорје. Сместени сме во срцето на најпознатиот македонски вински регион и самото спомнување на Тиквеш веднаш се поврзува со вековната традиција на лозарството и винарството што се негува тука и од која егзистираат голем број семејства во Кавадарци, нагласи Јанчев.
Тој додаде дека традицијата има големо значење, но уште поважен е идниот развој.
– Тој е возможен само ако произведуваме и пласираме висококвалитетно вино. А оваа инвестиција е чекор токму во тој правец, затоа што го зголемува капацитетот за прием и преработка на премиум вино, рече градоначалникот.
Тој подвлече дека со своите континуирани инвестиции во опрема, технологија и модернизација на винарницата, но и со сите други активности што ги презема за да обезбеди високо квалитетно грозје, „Тиквеш“ ги подига стандардите и е основен двигател на целата индустрија.
На тој начин, додаде, сите други вклучени во синџирот на производство на квалитетно грозје и вино, следејќи ги насоките на „Тиквеш“, се приспособуваат и го менуваат начинот на работа, за да можат на долг рок не само да опстанат, туку да растат и да бидат поконкурентни и поуспешни.
– Сето ова има голем придонес како за целокупната винска индустрија, така и за локалниот економски развој. Мене ми е многу драго што винарската визба „Тиквеш” има вистинска стратегија за долгорочен одржлив развој и што доследно ја спроведува, знаејќи дека е тоа вистинскиот пат за просперитет на компанијата и за сите поврзани со неа, вклучувајќи ги лозарите, на кои им е од интерес да се приклучат кон стратегијата за подобрување на квалитетот, затоа што тоа носи и повисоки цени на грозјето, нагласи градоначалникот.
Честитајќи за големата инвестиција и посакувајќи понатамошен успех, Јанчев рече дека за општината Кавадарци е од големо значење што има ваков партнер, во спроведувањето на политиките за локален економски развој и за обезбедување на подобар квалитет на живот за граѓаните.
– Има голем потенцијал за соработка и за реализација на заеднички иницијативи со кои понатаму ќе се развива винарството и лозарството, но и винскиот туризам. За да го постигнеме тоа неопходно е да се вклучат сите чинители во индустријата и секој во својот домен на работа, да го даде потребниот придонес за сите заеднички да оствариме подобри резултати. Јас верувам дека е тоа возможно и дека заеднички ќе успееме во нашата намера, додаде градоначалникот.
МИА
