Украинската област Херсон, каде што се наоѓа уништената брана Нова Каховка, е една од главните области за земјоделско производство во земјата.
Конкретно, во 2021 година, уделот на овој регион во вкупното земјоделско производство во оранжерии во Украина бил повеќе од 21%, индустриски посеви повеќе од 5%, а житарките и мешунките повеќе од 4%, наведува АПК-Информ.
Имало и околу 58% од наводнуваното обработливо земјиште.
2021 година била рекордна за производство на житарки и маслодајни семиња во Украина. Поради окупација на дел од регионот и постојаните борби, ажурирани податоци за земјоделското производство засега не се достапни.
Поради овие причини Обединетите нации се загрижени дека пробивањето на браната на реката Днепар ќе има огромно влијание врз глобалното снабдување со храна и ќе доведе до зголемување на цените на храната.
„Ова е житница, целата област што се спушта кон Црното Море и Крим е житница не само за Украина, туку и за светот“, изјави шефот за помош на ОН, Мартин Грифитс за Би-Би-Си. „Веќе имаме потешкотии во однос на безбедноста на храната, но цените на храната, сигурен сум, дефинитивно ќе се зголемат“, рече тој.
Тој предвидува долгорочни проблеми, не само оваа сезона, туку и следната.
А дека навистина би можело да биде така, покажува примерот на украинскиот фармер Андриј Пастушенко, чии ниви биле целосно поплавени. Но, откако водата целосно ќе се повлече, им се заканува суша. Имено, уништени се системите за наводнување и прашање е кога ќе бидат во функција.
„Иронично е што сме повеќе загрижени за поплавите отколку за уништениот систем за наводнување. Нивите се суви. Во последните денови многу руски проектили паднаа на нашите области. Тие предизвикаа шумски пожари“, вели Патушенко.
Според прелиминарните проценки, украинското Министерство за земјоделска политика и исхрана претпоставува дека се поплавени 10.000 хектари земјоделско земјиште на десниот брег на регионот Херсон. Исто така, прекинато е водоснабдувањето на 31 систем за наводнување на терените во регионите Днепропетровск, Херсон и Запорожје.
Во 2021 година се наводнувале 584.000 ха, каде што се произведени околу 4 милиони тони житарки и маслодајни култури во вредност од околу 1,5 милијарди американски долари. Министерството посочува дека во 2023 година на десниот брег на Днепар ќе работат само 13 системи за наводнување. 94% од системите во Херсон, 74% во Запорожје и 30% во регионот Дњепропетровск останаа без извори на вода, според податоците на Министерството.

Од Министерството за земјоделска политика и исхрана на Украина тврдат дека нивите во тој дел од земјата би можеле да се претворат во пустина, дека ќе се оневозможи снабдувањето со вода за пиење, како и извозот на земјоделски производи преку реката Днепар, кој во моментов е оневозможен.
Пријавен е и помор на риби. Таму штотуку заврши сезоната на мрестење, а падот на нивото на водата ќе предизвика сушење на јајцата и младите единки во плиткото.
