Белград ќе биде домаќин на регионалната конференција AgriSummitTech за дигитално земјоделство, посветена на примената на практични дигитални и технолошки решенија во областа на земјоделството во Западен Балкан, со фокус на секторите за овошје, зеленчук и лозарство.
Конференцијата ќе се одржи на 8 и 9 јуни и ќе собере производители, даватели на дигитални решенија, деловни асоцијации, задруги, организатори на производство, експерти, претставници на универзитети, развојни и истражувачки организации од Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора и Хрватска, објавија организаторите.
Преку низа презентации, панел дискусии и примери од практиката, посетителите ќе се запознаат со актуелните светски трендови, решенија достапни во регионот, успешни примери на примена, како и предности кои можат да придонесат за одржливост и профитабилност на земјоделскиот екосистем.
AgriSummitTtech е организиран со поддршка на проектот „Голема мала економија“ финансиран од американската Агенција за меѓународен развој (USAID), регионалниот проект на USAID за економски развој, управување и раст на претпријатијата и регионалниот проект „Поддршка на економската диверзификација во руралните области на Југоисточна Европа“ (SEDRA II), финансиран од Сојузното Министерство за економска соработка и развој на Германија, а имплементиран од GIZ.
Првиот ден од настанот, 8 јуни, е посветен на презентации, вмрежување на учесниците и мини-изложба на достапни дигитални решенија.
Вториот ден, 9 јуни, планирана е обиколка на фармата Berry log на Космај и селото Шепшин, каде што учесниците ќе можат да ја видат примената на паметниот систем за наводнување и другите технолошки иновации.

