Европската комисија соопшти дека до 5 јуни одредила рестрикции за увоз на украински земјоделски производи, со цел да се ублажи проблемот што настана со вишокот жито во Бугарија, Полска, Романија, Унгарија и Словачка.
Извршното тело на Европската Унија објави дека во тој период украинското жито може да се продава во која било друга земја членка на ЕУ, освен во гореспоменатите пет, кои се пожалија дека евтината цена на украинското жито им штети на нивните земјоделци.
ЕУ претходно го олесни целиот увоз на стоки од Украина за да и помогне во напорите да се одбрани од руските напади.
-Производите може да продолжат да транзитираат низ овие пет земји членки на ЕУ преку заеднички царински транзит во или надвор од земјата – посочуваат од Комисијата.
Мерките на Комисијата вклучуваат и пакет за поддршка во вредност од 100 милиони евра за земјоделците во пет земји од ЕУ.
ЕК, која инаку е задолжена за трговијата во рамките на ЕУ, рече дека може да дозволи продолжување на ограничувањата за увоз на жито во овие пет земји, доколку продолжат вонредните околности.
