Европската комисија во својот нов извештај за 2022 година покажува дека трговијата со земјоделски и прехранбени производи во Европската Унија во текот на годината изнесувала вкупно 401,5 милијарди евра. Трговскиот биланс изнесувал 58 милијарди евра.
Количините со кои се тргува не се намалени и покрај глобалниот раст на цените. ЕУ остана најголемиот светски трговец во овој сектор.
Големата мрежа на трговски односи и договори и овозможи на Унијата да ги диверзифицира своите трговски партнери со цел да ги надмине предизвиците во текот на целата година што произлегуваат од војната во Украина.
Извозот во 2022 година е за 31 отсто поголем од 2021 година и достигна 229,8 милијарди евра. Житарките и производите од житарики и мелничките производи забележаа најголем раст во вкупниот извоз на ЕУ и претставуваа седум, односно десет проценти од извозот. Се зголеми и оној за пченицата, за економиите во развој. Најмногу е извезено во Алжир (4,9 милиони тони), потоа Мароко (4,1 милиони тони), Египет (2,9) и Нигерија (2,5).
Извозот на млечни производи достигна вредност од 20,4 милијарди евра. И покрај падот на побарувачката од Кина, свинското месо остана најголем извозен производ во категоријата месо и оствари сума од 13,8 милијарди евра.
Обединетото Кралство е дестинација број еден за производите на ЕУ, со една петтина од извозот. На второ место се САД со 13 проценти. Третото место и припаѓа на Кина, која е крајна дестинација за седум отсто од европските производи.
Во 2022 година е зголемен и увозот на земјоделски и прехранбени производи, за 32 отсто во однос на 2021 година. Неговата вкупна вредност беше 172 милијарди евра. Ова е резултат на растот на светските цени, особено на маслодајните растенија и производите од кафе.
Увозот на маслодајни растенија и протеини изнесува 25,8 милијарди евра. Порастот на светските цени се комбинира со зголемената потреба за сончоглед и соја поради сушата во летото 2022 година. Увозот на пченка го компензира падот на домашното производство.
Кафето, чајот, какаото и зачините остануваат меѓу водечките производи на второто и третото место. Количината остана стабилна, но цената се зголеми. Бразил остана прв увозник со 12 отсто од вкупниот обем, а по него е Обединетото Кралство со девет отсто. Украина ги престигна САД и го зазеде третото место меѓу увозниците.
