Со одлука на Владата од вчера се определени највисоките цени во трговијата на мало за свежи домати, свежи краставици, кромид, карфиол, свежи зелени пиперки, грав, леќа, банани, портокали, мандарини и лимони. Килограм свежи домати може да се продава најмногу за 70 денари за килограм, свежите краставици до 75 денари за килограм, килограм кромид до 60 денари, килограм карфиол до 70 денари, килограм свежи зелени пиперки до 90 денари, килограм грав до 75 денари, килограм леќа до 110 денари, килограм банани до 70 денари, килограм портокали до 55 денари, килограм мандарини до 60 денари и килограм лимони до 55 денари.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, оцени дека замрзнувањето на цените нема да влијае на трошоците и на приходот на земјоделците, туку на сите оние кои сакаат да профитираат на грбот на граѓаните, оцени
„Ги направивме соодветните анализи за коишто бевме задолжени, многу прецизно, многу детално, многу јасно, во коишто се дефинирани производствените трошоци на земјоделците, но и откупните цени кои се плаќаат кон земјоделците. Од тие анализи произлегува дека најголем дел од цените кои ги плаќаат граѓаните одат за маржа, не одат за земјоделците. Во овој момент го немаме тоа домашно производство и затоа и нашето мислење беше дека во овој момент нема проблем во делот на домашното производство, односно замрзнувањето или ограничувањето на овие цени нема да влијзае на трошоците на земјоделците или на приходот на земјоделците, туку на сите оние коишто сакаат да профитираат на грбот на граѓаните. Односно, целокупната цена во најголем дел е формирана и најголема застапеност има маржата. Со раноградинарите и со оние кои имаат оранжериско производство, Министерството вчера одржа состанок. Сите нивни барања ќе ги разгледаме, ќе бидат анализирани, да видиме колкави се трошоците, особено тука станува збор за оранжериското производство каде што цената на чинење на производството е повисока, меѓутоа Министерството и минатата година беше подготвено во секој поглед да ги поддржи земјоделците. И оваа година имаме обезбедени средства преку Интервентниот фонд за мерки и политики коишто ќе бидат потребни во текот на црлата година“, рече Николовски.
Тој нагласи дека не ги анализираат увозните цени, туку домашното производство.
-Немаме надлежности да испитуваме и да утврдуваме цена на чинење на производи од Албанија или од Србија. Тоа не е во надлежност на МЗШВ. Јас можам да одговарам за она што е со факти и аргументи и така правам секојдневно. Ние мора да ги заштитиме земјоделците заради тоа што не може со маржи што се ставени на домашните производи на крајот некој да профитира во време на криза, рече Николовски.
Николовски додаде дека сме единствена држава во регионот која има дадено поддршка за 40 проценти за субвенционирање на вештачкото ѓубре кога се утврди дека цената е покачена за над 100 проценти.
-Сега цената е драстично намалена и нема никакво барање во делот на субвенционирање дополнително на вештачкото ѓубриво или на што било друго. Зелената нафта е редовна мерка која што како прва земја повторно од регионот ја воведовме, која што сите други земји ја препишаа како модел и го преземаа. Таа се однесува на земјоделските производители. Шеесет милиони евра се исплатени само за 40 дена на почетокот на годината на сите земјоделски производители. Тоа се редовните, брзи и навремените субвенции. Оваа година веќе е воведен нов модел на субвенционирање, што значи првпат во историјата 30 проценти од субвенциите наместо следната 2024 година земјоделците ќе ги добијат оваа година. Тоа е значаен импут за поддршка на земјоделското производство, изјави Николовски.
