Во наредните денови 29 и 30 март (среда и четврток), метеоролозите предупредуваат дека земјава ќе биде зафатена од ниски температури, кои скоро на целата територија на државата ќе бидат под нулата. Минималните температури на 29 март ќе изнесуваат -5 степени во Крива Паланка, -4 во Ресен и Битола, -3 во Прилеп и Тетово, – 2 во Скопје, Струмица и Кочани, -1 во Демир Капија и Штип, додека 0 степени ќе биде минималната температура во Кавадарци. За 30 март пак минималната температура ќе изнесува -4 степени во Крива Паланка, – 3 во Битола, -2 степени во Струмица, Ресен и Тетово, а -1 во Скопје и Прилеп.
Агротим разговараше со агрометеорологот Ангелко Ангелески, кој ни објасни како ниските температури влијаат на овошните дрвја.
„Кај расцветаните овошни видови можни се штети во затворен цвет на температури од -3, -4 степени Целзиусови. Јаболчестите овошки се уште не се расцветани, па кај нив поради минусните температури е можно само мало проретчување. Кај овошките кои веќе имаат отворен цвет веќе на -2 степени Целзиусови се забележуваат штети, но тоа не значи дека родот целосно ќе се унушти, особено со оглед на тоа што минусните температури не се во текот на целиот ден, туку само 2-3 часа во раните утрински часови.
Проблемот е кај овошките кои веќе имаат заметнат плод, како што се кајсиите, бадемите. Тие веќе претрпуваат штети на -1 и 2 степени Целзиусови и ниските температури можат да ги изгорат.
Исто така многу е битен и типот на почвата. Алувијалните, пропустливите почви не задржуваат многу вода и растенијата изсржуваат пониски температури.“ , објасни Ангелески.
Ангелески напоменува дека со оглед на тоа што минусните температури нема да се задржат повеќе денови, можно е само проретчување на плодот од помали размери, но тоа пак ќе резултира со покрупни плодови, така што количината на плодови ќе биде иста. односно наместо да се добијат повеќе ситни плодови, ќе се добијат помалку, но покрупни плодови.
За следниот период Ангелески вели дека не очекуваат позитивни температури и дека од викендот времето ќе се стабилизира, а овие неколку критични денови земјоделците навремено да преземат мерки за заштита на овошните насади од измрзнување.
