Во светот постојат многу урбани места кои се неверојатно испланирани. Едно од нив е Брондби Хавеби, познат како „градинарски град“, кој се наоѓа во непосредна близина на Копенхаген во Данска.
Овај урбан „градинарски град” направен е во кругови: куќите имаат големи дворови, но и „излез“ во заедничкиот круг кој се дели со куќите на соседите. Жителите на ова гратче имаат можност да се занимаваат со градинарство, но и да уживаат во природата и тишината.

Основан е во 1964 година, кога архитектот Ерик Мигинд добил одобрение неговиот проект да се реализира во општината Брондби. Тогаш почнале да се формираат „волшебните кругови“.
Архитектот имал само една цел: комуникација меѓу луѓето.

Гратчето го сочинуваат 12 кругови во кои се парцелите, односно бавчите, кои можат да се изнајмат за 150 долари месечно, а во нив луѓето можат да живеат/да ги изнајмат само 6 месеци во годината.

Идејата е да се имитира шемата на данските села од 18 век, каде луѓето би го користеле ова место поради дружење и комуницирање со соседите, но и поврзување со природата. За да се овозможи приватност, секоја парцела е оградена со жива ограда.
