Денеска на билатералната скрининг агенда се одржува состанокот за Поглавје 2, „Слободно движење на работници“, информираше заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ.
Со пристапувањето на Северна Македонија во Унијата, за македонските граѓани ова значи:
-Работа без работна дозвола, еднаков третман при вработувањето како и со државјаните на останатите земји членки на ЕУ,
-Еднакво социјално осигурување како граѓаните на земјата членка каде што работникот е вработен,
-Право на пензиски и социјални придонеси, меѓусебно признавање на квалификациите.
Преговорите со ЕУ се одвиваат по планот. Успешно го водиме скрининг процесот, тимовите се добро подготвени и се на нивото на задачата во сите области. Важно е да го задржиме ова темпо и да одржиме континуитет во преговорите со ЕУ. Тоа ќе наметне забрзување на реформите, што е секако во наш интерес,за добро на државата и на граѓаните.
Да докажеме дека сме сериозна држава за членство во ЕУ и дека сме исполнителни во спроведувањето на нашите обврски и европската реформска агенда.
Да продолжиме понатаму и граѓаните да почнат вистински да ги чувствуваат придобивките од пристапните преговори со ЕУ, рече Маричиќ.
