Двесте садници црн бор беа засадени денеска во Градскиот парк Кавадарци, во организација на Земјоделско-шумарското училиште и кавадаречката локална самоуправа.
-Во соработка со Општина Кавадарци одржавме теренска настава или практична настава на учениците од СОЗШУ „Ѓорче Петров“, покрај теоретската настава. За општо добро на градот, ние како институција во соработка со претставници од Општината, засадивме контејнерски садници од црн бор, обезбедени од нашиот расадник во училиштето, појасни за МИА, дипломираниот шумарски инженер Горан Сакалиев, професор по стручни предмети во областа на шумарството.
Садниците се едногодишни, минатата година се сеени од семе. Сакалиев рече дека тие се со добар прираст по височина за само една година. Изрази надеж дека и во иднина, во самата почва каде се посадени, нивниот развој ќе биде успешен.
-Бидејќи на потегот на градскиот парк има и наводнување капка по капка систем, тоа ќе им овозможи на садниците, преку летниот период да дојдат полесно до вода. Тука нема да престанеме, во иднина ни преостанува уште долг пролетен период, за уште вакви акции од доменот на пошумувањето. Секако, заедно со сите институции што ќе посакаат да се приклучат во акциите. Слободно нека дојдат во нашите простории и ќе им помогнеме со садници и секако со стручна подготовка за тоа како да се посадат, а секако можеме и ние да помогнеме, нагласи професорот.
Од локалната самоуправа исто така ја поздравија соработката со средното училиште за пошумување во Градскиот парк „Љупчо Шкартов“. Притоа нагласија дека и во наредниот период ќе се продолжи со исто темпо.
