Владата на Република Северна Македонија изготви закон за задолжително осигурување во земјоделството, со цел воспоставување на систем на осигурување, кој ќе обезбеди ефикасен, брз и економичен пристап на заштита на лицата кои се занимаваат со земјоделство од ризиците предизвикани од временски непогоди и други настани, ефикасна исплата на штетите и заштита на Буџетот на Република Северна Македонија преку правична и навремена исплата на надоместоци по премија. Всушност, согласно законот се основа Земјоделски осигурителен пул за задолжително осигурување во земјоделството заради вршење на дејноста на задолжително осигурување во земјоделството.
Последниве месеци претставници од Министерството за земјоделство преку разговори и средби со земјоделците го претстави новото законско решение за земјоделското осигурување. На овие средби земјоделските производители имаа можност да постават прашање, да добијат конкретна информација за производството за кое се интересираат, а се воспостави и систем на соработка со одделни земјоделски здруженија преку кои ќе бидат разгледани сугестии како да се подобри законот.

„Земјоделците не треба да бидат загрижени бидејќи овој Закон е во полза на земјоделците. Со него, сите штети што досега со стариот систем се исплаќале за 2-3 години, со новиот закон ќе се исплаќаат во тековната година кога настанала штетата“, објасни Мусалевски.
Земјоделците го поддржуваат задолжителното земјоделско осигурување.
Пчеларите се интересираат дали и како тие ќе бидат опфатени со новиот предлог закон за осигурување?
„Веќе е пропишан тарифникот за осигурување на пчелните семејства, ќе бидат опфатени како од пожар, така и од болести. Сега што е најбитно за вас е споредбата на полисите сега во моментов и оние што ќе бидат кога ќе се ативираат со пулот во 2024 годин. Целта е не само да имаме осигурување, туку да имаме поевтино осигурување. Првите три години осигурувањето ќе биде покриено од страна на државата. 20% ќе покрие државата, а 20% донорите ќе покријат. Ако земјоделецот сака до 100% да се осигура, тогаш ќе треба самиот да ги доплати останатите 60%.“, појасни Мусалевски.
За важноста од носењето на Законот за задолжително земјоделско осигурување разговаравме и со Крсте Шајноски, претседател на Совет на експерти на Агенција за супервизија на осигурување (АСО), независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
-Земјоделците се стратешки важна економска категорија којашто го храни општеството и целосно и безрезервно ја заслужуваат целата поддршка од сите системски фактори. Домашното производство на квалитетна храна е темел на општествената благосостојба и база на економскиот раст и развој.
Овој проект е стратешки важен затоа што нуди системско издржано решение за земјоделското осигурување. Големата и крајна цел на овој проект е за определен период земјоделското осигурување да стане самоодржливо, да има потенцијали за раст и развој така што да бидат задоволни трите вклучени страни односно партнери: земјоделците како корисници, осигурителните компании како даватели на услугите и државата како поддржувач.

Суштинската промена е во тоа што државата ќе се вклучи и ќе биде сигурен партнер и за двете страни: земјоделците и осигурителните компании. На едната страна ќе вложува во полисите за осигурување во партнерски однос со земјоделците кои ќе мора да издвојат и сопствени средства за земјоделско осигурување. Земјоделското осигурување ќе биде услов за земјоделците да добијат државна субвенција за земјоделско производство.
На другата страна државата преку Владата ќе стане партнер и ќе го дели ризикот заедно со осигурителните компании преку учеството во новоформираната осигурителна институција наречена Осигурителен пул.
Успешноста на овој проект сега е од особено и суштинско значење заради се поприсутното негативно влијание на климатските промени врз земјоделското производство. Оваа тема сега е „hot topic“ и глобално во светот на осигурувањето.
Ова прашање за нас од АСО како регулатори на пазарот за осигурување е особено важно затоа што нуди решение за масовност која ќе води во јакнење на културата на осигурување кај земјоделците кои се бројна популација – изјави Шајноски.
