Секторот за производство на свинско месо во Европската Унија со месеци се соочува со сериозни економски тешкотии поради комбинација на фактори, вклучително и санитарни ограничувања поврзани со ковид-19. Имаше и забавување на извозот во Кина, додека африканската свинска чума се прошири во неколку земји членки. Истовремено, цените на инпутите пораснаа, а производството дополнително беше ослабено поради проблемите со снабдувањето. Ситуацијата дополнително се комплицира со војната во Украина, високите цени на храната и енергијата.
Цените на свинското месо се зголемија, а тоа влијаеше на побарувачката на потрошувачите. Проблемите ги надминаа сезонските флуктуации што се случуваат во ова производство.
Затоа, во последните десет месеци се одржаа низа состаноци за да се даде длабински увид во сите аспекти на секторот, со посебен фокус на неговата одржливост. Во средината на јануари беше формирана Европската група за преговарање за производство на свинско месо.
Клучни препораки
Донесени се и клучни препораки за поодржлив сектор, кои вклучуваат охрабрување на земјите членки да ги користат сите достапни алатки на ЗЗП. Во однос на еколошките предизвици, се предлага да се развие рамка за управување со ѓубриво и да се поддржат локални решенија за биогас базирани на ѓубриво, остатоци и отпад.
Кога станува збор за здравјето на животните, ефективните мерки за биосигурност и управувањето со диви свињи може да се подобрат со националните акциски планови и имплементацијата на сите достапни алатки, вклучително и ЗЗП. Во темата поврзана со благосостојбата на животните, фокусот е на одржување на научно заснован пристап во сите регулаторни чекори и промовирање на стандардите на ЕУ, особено во рамките на договорите за слободна трговија.
