Винаријата Vergenoegd Löw во Јужна Африка користи јато патки за да ги заштити своите лозови насади од полжави, бубачки и други штетници, а како што вели сопственикот на лозјето, тоа функционира!
„Ги нарекуваме војници на лозјата. Тие се чувари на нашите лозови насади“, вели Кориус Висер, управен директор на винаријата Vergenoegd Löw.
Околу 500 индиски тркачки патки парадираат во лозјата и имаат многу важна улога, бидејќи вршат природна контрола на штетници.
Јата бели, црни и кафени патки ловат полжави и инсекти поминувајќи меѓу редовите на виновата лоза и на тој начин им помагаат на лозарите да користат помалку пестициди и вештачки ѓубрива.
Овие птици се во средиштето на регенеративните земјоделски практики на винаријата. Поради исправеното држење, тие можат да ловат инсекти и полжави меѓу лисјата, а не само од површината на земјата.
Наутро ги пуштаат во лозјето каде што ги води патка водач. Таму цел ден се хранат, а дури навечер се враќаат во своите живеалишта, каде дополнително јадат наменска храна.
Исто така, нивното ѓубриво, како и ѓубривото на другите животни, е богато со хранливи материи и гарантира дека лозјето функционира поодржливо.
