Птичјиот грип беснее низ Европа, а падот на производството се компензира со увоз од Украина и Бразил, пишува Vilaggazdasag. Притисокот врз производителите и преработувачите е голем.
Во периодот од 4 ноември до 31 декември минатата година, унгарската Национална канцеларија за безбедност на храна „Небих“, забележала 89 епидемии. Во 2023 година, Институтот за здравје на животните објави уште четири, а „Небих“ ја потврди болеста кај птиците што се чуваат во Домот на животните „Ное“.
Досега само во таа земја се уништени три милиони живина. Штетата беше проценета на износ меѓу 13 и 15 милијарди унгарски форинти (33 до 38 милиони евра). Експертите проценуваат дека е двојно повисок, ако на основната сума се додадат и индиректните штети и загуби.
Вести за оваа болест доаѓаат и од Германија. Во Источна Баварија мора да се уништат 70.000 патки, а нови случаи се потврдени и во Хрватска.
Од 1 септември, случаи на високопатогениот вирус на птичји грип се откриени во вкупно 543 живинарски фарми, 215 објекти кои чуваат птици во затворени простории и 1.410 диви птици. Епидемијата ја има во 28 европски земји и е поврзана со сериозно намалување на производството.
Решението се најде во увозот, најмногу од Украина и Бразил. Пилешкото месо и јајцата непречено пристигнуваат во Европа половина година, откако Европскиот парламент ги укина давачките за увоз на стоки од Украина.
