Новата чанта „Ес-вејв“ (S-Wave) на дизајнерката Стела Мекартни е меѓу првите парчиња од брендот, кој користи материјал направен од лушпи од грозје. Овој начин на искористување може да доведе до широко распространета и одговорна потрошувачка на рециклирани и биоразградливи производи.
– Кога ја пронајдов оваа опција со остатоците од грозје, бев многу возбудена – не само затоа што се набавува локално од винарии блиску до местото каде што се рачно изработени нашите додатоци, туку му дава и втор живот на отпадот, изјави Мекартни за списанието „Мери Клер“.
Откако Стела Мекартни го лансираше својот бренд во 2001 година, таа избегнува животинска кожа и крзно, поради што алтернативните опции станаа неопходни.
Материјалот е резултат на долгогодишно истражување и развој, еден од повеќето новотестирани материјали без животински материјали, т.е. ги заменува досега традиционалните кожа и крзно.
Љубителите на вино знаат дека сокот од грозјето се цеди до последната капка. Остатоците од грозјето потоа може да се користат за други материјали. Кога тие се комбинираат со други состојки, како што се природните влакна, резултатот е – нешто налик кожа, само добиена од грозје.
Според Саманта Муро, основач на Planet of the Grapes – компанија која развива и произведува кожа од грозје, ова е процес кој сè уште е во развој. Процесот вклучува собирање на цврстите остатоци од грозјето, нивно ситнење и истурање на цврстиот материјал. Ова е слично на производство на хартија.
Експериментирањето со разни видови грозје и различни начини на производство значи дека производот постојано се подобрува.
Со новиот дизајн, се чини, дизајнерката е на добар пат растенијата да ги претвори во „најмоќната состојка во модата“. Новата „Ес-вејв“ чанта е елегантна и со меки рабови, со метално копче во облик на „S“. Дизајнерката Мекартни вели дека инспирацијата ја црпи од минимализмот од 90-тите, комбинирајќи ги класичните облици со иновативните, нови материјали.
