Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, вчера го најавија најголемиот Буџет за земјоделство досега – 12 милијарди денари за 2023 година.
Меѓу другото, на прес-конференцијата се осврнаа и на капиталните инвестиции во водостопанската инфраструктура и наводнувањето на земјоделските посеви.
„Зголемувањето на домашното производство е директно условено од капиталните инвестиции во водостопанската инфраструктура и наводнувањето на земјоделските посеви. Затоа и наредната година силен фокус ставаме на капиталните инвестиции во модерни системи и брани за наводнување, што крајно ќе придонесат за намалување на трошоците и загубите во производството, а од друга страна ќе придонесат за создавање на модерно и европско земјоделство.
Тука би издвоил неколку клучни инвестиции, како што е Браната Конско во вредност од 40 милиони евра, чија изградба започна пред три и пол години и завршува во првиот квартал од 2023 година. Ова е најголемиот капитален проект за водоснабдување во последните 50 години.“, рече премиерот Ковачевски.
Министерот Николовски информираше дека следната година завршува изградбата на хидросистемот Равен-Речица во вредност од 15 милиони евра и продолжува изградбата на Браната Речани, како и реализацијата на Програмата за наводнување на Северна Македонија која вклучува изградба на четири системи за наводнување во рамки на речниот слив на Река Вардар, почеток на изградба на браната на Река Слупчанска и уште други капитални инвестиции.
