Во околината на Крива Паланка, распослано во областа Горна Пчиња, се наоѓа селото Огут. Селото е планинско, а неговите маала се наоѓаат на надморска височина од 900 до 1.200 метри. Од градот Крива Паланка е оддалечено 28 километри.

Месностите во атарот на селото се нарекуваат: Кита, Река, Чука, Здравац, Мечит, Вирови, Јанина Чука, Шилешки Рид, Гољак, Јанков Рид, Остра Чука, Село и Селиште.
На него преовладува обработливото земјиште на површина од 725 хектари, на шумите отпаѓаат 533 хектари, а на пасиштата 476 хектари.

Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.
Жителите на кривопаланечкото село Огут велат дека оние што ќе дојдат еднаш во нивното село, секогаш ќе сакаат да дојдат повторно.

Во минатото вредни селани граделе домови, работеле на нива, формирале семејства, а веселиот детски џагор се слушал надалеку. Сега може да се најдат повеќе старци кои ги живеат пензионерските денови и понекое детенце кое ги развеселува овде.

Сепак многу работи и се сочувани, се уште стои и некогашната караула на границата со Србија. Тука е и училиштето каде што некогаш училниците биле полни, а сега има едвај неколку дечиња, зашто миграцијата го направила своето.

Поради оддалеченоста од градот, Огут живее во недопрена природа. Надвор од градската гужва, во склад со природата, а од неодамна доби и комплетно реконструиран пат во должина од 30 километри, после 40 години, кој значително го олеснува патувањето до селото и за жителите и намерниците кои сакаат да уживаат во неговите природни убавини.

Во месец јули со присуство на бројни верници, беше осветена црквата Свети Илија во с.Огут, благодарение на ктиторите Милан и Мица Савеска, како и за духовноста и животот кој го враќаат во овој крај на Крива Паланка. Фрескописот е дело на кривопаланчанката, академската сликарка Христина Стојчевска.
Иако зимата е на праг, никогаш не е рано да започнете да размислувате да прошетате до Огут. Ќе ве пречекаат благите погледи на жителите и срдечното добредојде. Ќе пробате сок од шумско овошје, а и слатко со ореви.


