Во Бугарија проблемот со увозот на украинска пченица го достигна својот врв. Земјоделците со месеци предупредуваат дека ситуацијата од ден на ден се влошува, но стотици камиони со оваа стока сè уште пристигнуваат, пишува Agri.bg.
Освен економското влијание, производителите посочуваат и на лошиот квалитет кој не се контролира. Загриженоста на земјоделците е оправдана бидејќи е можно да станува збор за мешање на бугарското со украинско жито.
Бугарија нема акредитирана лабораторија
Проблемот со увозната пченица открил и пропусти во контролата и целиот синџир за безбедност на храната.
„Земаа мостри, но се покажа дека бугарската агенција за безбедност на храна BFSA нема акредитирана лабораторија за нивна пријава, односно следење што влегува во земјата! До каде сме стигнале?!“, коментира Костадин Костадинов, претседателот на Националната асоцијација на житни култури (NAG).
Тој тврди дека истата меѓународна компанија врши контрола во Украина и Бугарија, што е неприфатливо. Резултатите од тестираните мостри доцнат и до два месеци, а камионите за тоа време го растовараат товарот на поранешните овчарски фарми, кои во овој случај послужиле како складишта.
Земјоделците стравуваат од мешање на украинските житарки со домашните. Костадинов рече дека додека земјоделците биле запрени во местото Добрич, каде што се одржуваат протестите, 200 украински камиони стоеле на истиот пат и чекале да се истоварат пред фабриката.
Успеале да земат таен примерок
Досетливите производители успеале незабележано да земат примерок од увезената украинска пченица и да ја достават на испитување во независна лабораторија. Резултатите биле поразителни. Велат дека тоа е пченицата која е практично неупотреблива. Нејзиниот квалитет отстапува од стандардот и може да се користи само за добиточна храна.
„Судејќи според она што го покажува примерокот, нема увоз во Бугарија од реколтата 2022 година. Доаѓа само старо жито“, рече Костадинов.
Се увезува и стар сончоглед
Наводно, на пазарот има и големи количини од стариот род сончоглед. За да се избегне овој проблем, мултинационалните компании ја наметнале киселоста како индикатор бидејќи не сакаат таков производ во другите земји. Но, магацините на трговците и преработувачите се преполни со стар сончоглед, а никој не обрнува внимание на новиот род на бугарските производители.
Костадинов објаснува дека најпогодени се ситните земјоделци кои немаат магацини, додека трговците задоволно тријат раце и ова маслодајно семе го купуваат по ниски цени.
„Бугарскиот сончоглед со добар квалитет ќе се извезува, а стариот од Украина, кој не е тестиран за остатоци од пестициди, овде ќе се преработува, нашите деца ќе го јадат и тоа е голем проблем.
Земјоделците велат дека е потребно да се контролира што се увезува во земјата и да се спречи мешањето на домашната и увозната стока.
