Информациите за сушата на речиси светски размери ни се секојдневие веќе неколку месеци. Таа предизвика големи последици особено на летните култури, најмногу на пченката.
Состојбата се влошува, а од друга страна дождот што деновиве паѓаше во одредени региони од Европа сепак ги обновува оштетените посеви. Бурите придружувани со грмотевици предизвикуваат штета, според најновата месечна анализа на Глобалната опсерваторија за суша (GDO) за ЕУ. Истражувачите нагласуваат дека постои ризик од континуирано сушење на почвата предизвикано од последователни топлотни бранови од мај и континуиран недостаток на врнежи.
Нивото на водата е ниско, изворите пресушуваат
Глобалната опсерваторија за суша продолжува да предупредува дека речиси половина од територијата на ЕУ е загрозена од оваа временска непогода, како што наведуваат во последниот извештај.
Водостоите на реките се намалуваат, а изворите пресушуваат, што значително влијае на производството на енергија во електраните, а со тоа и на намалување на посевите.
„Сериозната суша што зафати многу региони во Европа од почетокот на годината дополнително се прошири и се влоши од почетокот на август“, се вели во извештајот објавен од Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија.
Се предвидува зголемена закана за големи делови од Италија, Шпанија, Португалија, Франција, Германија, Холандија, Белгија, Ирска, Луксембург, Романија и Унгарија, како и за земјите кои не се членки на ЕУ, Велика Британија, Србија, Украина и Молдавија.
Црвено предупредување
Сè на сè, пресметале дека 17 отсто од територијата на Европа е во категоријата црвен аларм. Во јули предвидуваа 11 проценти.
„Неодамнешните врнежи можеа да ја ублажат сушата во некои региони. Меѓутоа, во некои области, придружните грмотевици предизвикаа штети, загуби и го намалија влијанието на врнежите“, се вели во извештајот.
Тие, исто така, прогнозираат дека медитеранската област може да очекува потопло време и повеќе суша од вообичаеното до ноември.
Нормално ниво на дожд веројатно ќе стигне во делови од Европа помеѓу август и октомври, но во извештајот се вели дека можеби нема да биде доволно за почвата целосно да се опорави од дефицитот акумулиран во текот на повеќе од половина година.
Некои области имаат поизразени негативни аномалии, нагласувајќи го широко распространетиот стрес врз вегетацијата, а тоа се италијанските низини, Унгарија, северниот дел на Србија, односно Војводина и западна и источна Романија. На други места, условите остануваат главно стабилни. Делови од Шпанија, Португалија и Хрватска може да продолжат да имаат посуви од вообичаените временски услови, додека на Алпите сушата веројатно ќе попушти.
Тие заклучуваат дека атмосферските услови поврзани со топлотните бранови кои траеле во Европа во текот на мај, јуни и јули биле на највисоко ниво од 1950 година.
На оваа интерактивна мапа можете да го следите развојот на ситуацијата на глобално ниво.
