Индивидуалните земјоделци од Кумановско ќе ги продаваат производите на една локација на зелениот пазар. Ова е договорено на денешната средба со градоначалникот Максим Димитриевски.
– Се очекува да се надмине овој долгогодишен проблем преку расчистување на метежот пред пазарот, со што и производителите ќе имаат подобри услови за продажба. Важно е за сите продавачи на зелениот пазар да важат исти правила и услови. Понудивме решение прифатливо за сите страни. Индивидуалните земјоделски производители ќе бидат сместени на делот кај чешмите од зелениот пазар и ќе плаќаат на дневна основа, со што граѓаните на Куманово ќе знаат каде можат да купат домашни производи, рече Димитриевски.
Средбата со индивидуалните земјоделски производители во просториите на Општината се одржа по иницијатива на претседателката на Совет на Општина Куманово, а присуствуваа и секретарот на Општина Куманово, директорот на ЈП „Пазаришта“ – Куманово, како и претставници на инспекциските служби, инволвирани во решавањето на проблемот.
Земјоделците поради продажбата надвор од зелениот пазар се под постојани контроли од страна на инспекциските служби.
