Во текот на првата половина на 2022 година, извозот на минерални ѓубрива од Русија изнесува околу 17 милиони тони, што е намалување за 7,2 отсто во однос на истиот период лани, изјави министерот за индустрија и трговија на Русија, Денис Мантуров.
Како причини го наведува затворањето на гасоводот за амонијак Толјати-Одеса, ограничувањето на претоварувањето на руските ѓубрива низ пристаништата на соседните земји, одбивањето на странските купувачи да платат за своите производи и проблемите со плаќањето.
„Имајќи ги предвид договорите со ОН, се надеваме дека ќе одржиме стабилно снабдување со ѓубрива на ниво не пониско од минатогодишното“, објасни Мантуров за Интерфакс.
Оваа земја воведе квоти за извоз на сулфур, неопходен за производство на минерални ѓубрива. Согласно уредбата, Министерството за индустрија и трговија заедно со Министерството за енергетика добија инструкции да ја одобрат постапката за пресметување на висината на квотите за негов извоз како и планот за снабдување на домашниот пазар.
Квотите ќе важат до крајот на оваа година, а нивната вкупна количина ќе биде 1,1 милион тони.
„Во моментов, до 60-65 отсто од произведениот сулфур се користи за производство на фосфорни и сложени ѓубрива. Воспоставувањето на квоти за испорака во странство недвосмислено ќе ги поддржи руските производители“, се наведува во информативната и аналитичката служба Fertilizer Daily.
