За да го зачува производството на млеко во своето откупно подрачје, хрватската компанијата „Дукат“ по седми пат годинава ќе ја подигне откупната цена, па така од 1 октомври „Дукат“ на своите кооперанти ќе им плаќа дополнителни 15 хрватски липи за секој предаден литар млеко.
Со последното зголемување, откупната цена ќе биде за вкупно 95 липи повисока од почетокот на оваа година, се вели во соопштението на „Дукат“, пренесува Агроклуб.
Во однос на октомври минатата година ќе биде 40 отсто поголема.
„Од почетокот на годината издвоивме вкупно 121 милион куни за зголемување на откупната цена на млекото со цел барем делумно да ги компензираме нашите кооперанти за брзиот пораст на влезните трошоци и цената на изворите на енергија“, рече во соопштението за медиумите директорот на компанијата, Душко Глишиќ.
Сепак, тој додаде дека преработувачката индустрија не може целосно да ги пренесе зголемените производствени трошоци на готовиот производ и со тоа дополнително да ги оптоварува потрошувачите.
„Како најголем откупувач и водечки преработувач на млеко, ние цврсто стоиме покрај нашите кооперанти и правиме се за да ги зачуваме нивните фарми, но индустријата не може самостојно да ги реши проблемите во примарното млекопроизводство, кое е на колена“, рече Глишиќ.
Тој додаде дека верува дека државата може, по примерот на другите земји од Европската Унија, на фармерите барем делумно да им го надомести растот на влезните трошоци преку дополнителни плаќања и со тоа да го одржи производството на млеко на хрватските фарми.
