Со зголемувањето на цените на пелетите и поскапувањето на струјата, побарувачката на огревно дрво драстично е зголемена. Од ЈП „Национални шуми“ велат дека снабдувањето на граѓаните со огревно дрво се одвива со вообичаено темпо и додаваат дека сите кои имаат склучено договор до почетокот на грејната сезона ќе бидат снабдени со огревно дрво по ланските цени.
„Согласно објавениот Јавен повик на веб-страницата на јавното претпријатие за купување на огревно дрво, преку складовите во подружниците на Национални шуми, за снабдување со огревно дрво за претстојната грејна сезона, јавното претпријатие ќе настојува да ги задоволи потребите на на пазарот.“, изјави за Агротим директорот на ЈП „Национални шуми“, Валентин Груевски.
Сепак цените постојано растат, а на приватните складишта во моментов кубен метар буково дрво се продава за 4.700, а дабово за 4.800 денари.
Од ЈП „Национални шуми“ посочуваат дека цели 13 години огревните дрва ги продаваат по исти цени – кубен метар бука за 2.800, а даб за 2.900 денари и прецизираат дека за годинава побарале од Владата да им дозволи поскапување за 20 отсто.
„Во услови на актуелна светска енергетска криза и цени на енергенсите кои се зголемени неколкукратно во последниот период, а кои директно влијаат на калкулацијата на цената на чинење на основните шумски сортименти, да го истакнеме фактот дека, Ценовникот на цени на главни шумски производи на ЈП „Национални шуми“, не е сменет од 2014 година (кога е извршена промена на цената само на техничкото дрво, додека цената на огревното дрво не е сменета од 2009 година), а трошоците за производсво во фазите (сеча, дотур, превоз со утовар и растовар), нафта, бензин, закуп и сл. на основните производи (огревно и техничко дрво) се зголемени неколкукратно.
Согласно изнесеното ЈП Национални шуми п.о. – Скопје со зголемување на производството во тековната 2022 год., мора да ја прилагоди односно зголеми цената на дрвните сортименти, согласно зголемувањето на цената на енергенсите (гориво, мазиво, двотактол), кои имаат големо влијание врз остварената цена на чинење на метар кубен произведено огревно или техничко дрво.“, рече Груевски.
ЈП „Национални шуми“ планира годинава да произведе 516.032 кубни метри огревно дрво. Лани, јавното претпријатие произведе околу 430.000 кубни метри.
