Италија е погодена од нов топлотен бран, а најмногу на удар се областите веќе погодени од суша, соопшти националната конфедерација Coldiretti.
Последиците ќе ги почувствуваат речиси половина, околу 46 отсто од италијанските земјоделци, што е вкупно 332 илјади имоти и фарми. Организацијата предупредува дека ова е аларм, бидејќи топлотен бран со температури до 40ºC го зафаќа целиот полуостров. Во долината на реката По повеќе од 30 отсто од италијанското земјоделско производство е загрозено поради недостиг на вода.
Нема вода, нема принос
Во последните неколку децении, нивото на реката По е на најниска точка. Големите северни езера имаат многу мала количина акумулирана вода. Езерото Маџоре е исполнето само 10 отсто од акумулацијата, а Гарда само 30 отсто. Земјоделците се соочуваат со пад на производството. Приносите на пченката се помали за 45 отсто, а помали се и приносите на пченицата.
Дурум или тврдата пченица од која се прават тестенини е помалку за 30 отсто, а лебната дури за една петтина. Има помалку ориз за 30 отсто, а овошје за 15 отсто. Поради недостаток на размена на вода во делтата на реката По, приносот на школки е помал за 20 проценти. Десетици илјади хектари се опустошени од инсекти, а особен проблем се штетите што ги предизвикуваат скакулците. Добиточна храна има се помалку.
Бербата на грозјето започна, а се очекува помал род за 10 отсто. Истата ситуација се предвидува и за маслинките.
Штета од 6 милијарди евра
Од организацијата објаснуваат дека се справуваат со погубните последици од сушата и влијанието врз производството. Штетата засега изнесува 10 отсто од националното производство, што е 6 милијарди евра.
Италија не е самодоволна и зависи од другите земји кога станува збор за разни суровини, од лебна пченица, добиточна пченка до тврда пченица и јачмен. Сето тоа мора да се увезе.
„Неопходно е итно да се интервенира со мерки за спас на посевите и фармите кои во иднина ќе бидат во сериозни тешкотии“, изјави претседателот на Coldiretti Еторе Прандини. Тој нагласи дека на Италија и се потребни нови акумулации за собирање на многу потребната вода, која е неопходна за граѓаните и стопанството. Потребата од зголемување на производството на храна е особено изразена во земјоделството.
Прандини вели дека развиле проект со националното мелиорациско здружение за подобрување Анби и дека веднаш може да се започне со изградба на мрежа од акумулациски езера за собирање 50 проценти од дождовницата. Како што наведе, езерата ќе бидат направени од локален камен, без бетон и ископана земја и ќе служат за собирање на дождовницата и нејзино искористување во случај на потреба.
