Во Општина Теарце почна изградбата на мини систем за наводнување со кој ќе бидат опфатени 330 хектари обработливо земјиште, сопственост на 150 земјоделци. Средствата во висина од 1,75 милиони евра се обезбедени од ЕУ, преку ИПА фондовите. Системот ќе има 25 километри секундарна мрежа, а водата ќе се добива од зафатот на реката Бистрица над Теарце. Според изведувачите на проектот, запазени ќе бидат сите еколошки норми, како и биолошкиот минимум на реката.
-Со овој проект ќе се помогне за подобро искористување на земјоделскиот потенцијал. Овој ИПА проект е најголемиот во групата на слични проекти преку кои ЕУ инвестира во мали системи за наводнување на локално ниво со цел да охрабруваме ефикасно користење на водата во земјоделскиот сектор, а воедно промовираме и штедење на водата со воведување на затворен систем на цевковод. ЕУ планира уште дополнителни 4,8 милиони евра во рамките на ИПА 3 проектите за изградба на мали системи за наводнување, па така инвестициите преку ИПА програмата во системите за наводнување достигнат близу 13 милиони евра, изјави в.д. амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија, Џулијан Васало.
Според градоначалникот на Општина Теарце Нухи Незири, изградбата на ваков мини систем за наводнување ќе значи многу за земјоделците од овој дел на Полог и ќе придонесе за зголемување на приносите кои поради недостиг на доволни количини вода за наводнување од година во година се се помали.
-Иако е назначен како мал систем за наводнување, за нас тој е голем бидејќи ќе им служи на самите земјоделци. Ова е еден успешен модел за Општина Теарце кој сакаме да го продолжиме и во другите населени места за што ги ставаме на располагање сите капацитети и средства кои ги имаме за негова реализација, рече Незири.
На местото каде што ќе се гради зафатот на водата, ќе се направи рибна патека за непречено движење на рибите во реката.
-Ова е една голема програма и за нас е многу значајна зошто и Министерството за земјоделие веќе инвестира над 10 милиони евра европски неповратни средства во развој на државата во мали системи за наводнување. Овој проект кој ќе се реализира во Теарце е еден од најголемите од десетината проекти кои се работат досега како што се Славишко Поле во кривопаланечко, Пишица во Пробиштип, Чаушица во струмичко, а ќе запонеме и два нови, во Сопот, Кавадарци и во Новаци. Управувањето со системот за наводнување ќе биде на локално ниво, изјави министерот за земјоделие и шумарство Љупчо Николовски.
