Минатата недела беше многу бурна кога се во прашање цените на житарките. Почетниот пад на цените на берзите не се одржа. Крајот на неделата донесе ново поскапување, а на почетокот на оваа недела се поизвесно е дека овој раст ќе продолжи.
Американската пченица се продаваше за речиси 911 центи за бушел на берзата во Чикаго овој понеделник, наведува Агрархеуте. Тоа е зголемување од 13 отсто во последните три дена. Овој скок го следат и европските берзи, а цените за новата жетва скокнаа за 19 евра по тон и изнесуваа нешто помалку од 358 евра/тон.
Хаос го зафаќа пазарот по секоја вест и извештај поврзана со житарки, жетва, црноморски пристаништа. Слична ситуација се очекува и за новиот Извештај на американското Министерство за земјоделство (USDA), во кој ќе бидат претставени најновите податоци и прогнози за глобалната жетва во 2022 година.
„Стравот и алчноста се доминантните емоции на берзата и тие се главните причини за големи претерувања во цените, до целосно превисоки цени, како и до неоправдани падови“, вели аналитичарот Мајкл С. Кисинг.
На почетокот на сезоната 2022/23, на пазарот се бара пченица од Европската Унија. Откупувачите од Блискиот Исток и Африка се позаинтересирани поради недостигот на житарки од Украина. Германската пченица ја купуваат Иран и Северна Африка. Алжир и Мароко останаа без увоз од пристаништата на Црното Море и сега се обидуваат да најдат нови извори. Во исто време Мароко купи дополнителни неколку стотици илјади тони француска пченица, за која, како и за јачменот се повеќе се интересираат и земјите од Југоисточна Азија и Кина.
И покрај слабата жетва, Европската комисија планира да извезе 38 милиони тони лебна пченица. Аналитичарите ги намалуваат количините и велат дека пореално е извозот да биде 30 милиони тони поради намалениот принос поради сушата и топлотниот бран што го зафати европскиот континент.
Во фокусот на интересот се уште се житарките од Русија и Украина. Во Русија очекуваат рекордни приноси, а ги намалија и извозните даноци за да ја зголемат продажбата на странските клиенти.
Понатамошниот развој на ситуацијата во Украина е најголемиот фактор на неизвесност за пазарите на меѓународно ниво. Продолжуваат преговорите за отворање на црноморските пристаништа, а Украина се обидува својата пченица да ја извезе преку Романија, Балтикот и Полска.
Според податоците на украинското Министерство за земјоделство, жетвата е завршена на околу три отсто од површините. Соопштено е дека земјоделците ожнеале 1,1 милион тони житарки од 417.300 хектари.
