Тензијата во земјата е на високо ниво по неколкунеделните протести на земјоделците. Автопатиштата се блокират, трактори и крави има на улиците и пред владините згради во Хаг, се палат бали сено, се фрла арско ѓубриво пред куќите на политичарите.
Минатиот вторник гневните демонстранти пристигнаа пред станот на Кристијана ван дер Вал, министерката одговорна само за темата „природа и нитрати“. Тоа место беше воведено на почетокот на годината за да се справи со проблемот што ја мачи оваа земјоделска нација – премногу азотни соединенија што ја трујат природата. Седумдесет проценти од нив потекнуваат од сточарството, а Владата единственото решение го гледа во радикално намалување на добитокот што придонесе фармерите да излезат на улиците.
„Знам какви огромни последици има ова за земјоделците. Тоа е ужасно. Но, ние немаме избор. Природата не може да чека“, изјави Ван дер Вал, претставувајќи го планот во парламентот во средината на јуни.
Владата на премиерот Марк Руте има мнозинство во парламентот за да ги спроведе плановите и се чини дека не се откажува од нив.
„Ние сме на чекор од чистење на земјоделскиот сектор во Холандија. Ова секако ќе има последици за граѓаните“, вели Каролине ван дер Плас, пратеничка која ги застапува интересите на земјоделците.
Оваа мала земја по површина спаѓа во земјоделските колоси, каде што во јужните делови, на пример, бројот на свињи на квадратен километар е убедливо најголем во светот. Само САД извезуваат повеќе земјоделски производи од Холандија, гледано по вредност. Затоа земјоделските лобија долго време ги спречуваа промените, а тогаш тие дојдоа скоро одненадеж.
Бидејќи Холандија ја притискаат не само проблемите со затруената почва и оштетениот биодиверзитет поради масовната употреба на нитрати и амонијак, туку и од одлуките на европските (2018) и домашните судови (2019), според кои употребата мора да се ограничи.
Според планот на Владата, до 2030 година емисиите на азот мора да се намалат за 70 отсто во некои провинции, особено во регионите кои се признати како заштитени природни подрачја во ЕУ. Одамна е јасно дека тоа може да се направи само со помал добиточен фонд, што би ја уништило егзистенцијата на многу селани.
Властите сè уште не го прецизирале планот или дали, на пример, ќе платат отштета на оние што ќе се откажат од сточарството или ќе одлучат да ги преселат своите фарми во други региони.
