Научниците од Универзитетот во Аделаида и британскиот центар Џон Инес идентификувале генетски двигател кој ги подобрува својствата на приносот на пченицата, објави Science Daily. Ова откритие може да доведе до зголемување на содржината на протеини во пченицата до 25 проценти.
„Малку се знае за механизмот кој стои зад активирањето на приносот и содржината на протеини во производството на пченица“, вели водачот на истражувањето, д-р Скот Боден. Тој наведува дека откритието има потенцијал да помогне да се создадат нови сорти кои даваат зрно со повисок квалитет.
Пченицата сочинува 20 проценти од протеините што се консумираат во светот, а резултатот од ова истражување може да помогне да се создадат сорти со подобрени нутритивни и економски вредности.
„Генетската варијација што ја идентификувавме обезбедува зголемување на содржината на протеини од 15 до 25 проценти за растенијата што се одгледуваат на терен“, изјави д-р Боден. Тој додаде дека зголемувањето на родот со дополнителни, спарени класови се уште не е откриено, но се надеваат дека тоа би можело да се случи со елитните сорти.
Подобро за производителите, подобро за потрошувачите
Паралелно со зголемувањето на содржината на протеини, не доаѓа до намалување на приносот, така што ова откритие има уште подобар потенцијал да обезбеди економски придобивки за одгледувачите, но и за потрошувачите поради неговата повисока хранлива вредност.
Новите, подобрени сорти пченица се очекува да бидат достапни за две до три години.
