Преговорите со Русија и нејзината најава за деблокирање на црноморските пристаништа се доказ дека политичките игри имаат влијание врз светскиот пазар и цените на храната. Оваа вест доведе до пад на цените на житото.
Ројтерс објави дека високиот претставник на ОН имал конструктивни разговори со првиот потпретседател на руската влада Андреј Белоусов за олеснување на извозот на руски житни култури и ѓубрива на светските пазари.
Во Вашингтон, Ребека Гринспан, шеф на Конференцијата на ОН за трговија и развој (UNCTAD) и координатор на Групата за глобална реакција на ОН на кризата со храна, енергија и финансии, има за цел да им помогне на земјите да се справат со тековните економски шокови.
Дали ќе дојде до деблокада на пристаништата?
Русија и Украина сочинуваат речиси една третина од глобалните резерви на пченица. Русија е најважниот извозник на ѓубрива, а Украина е најважниот извозник на пченка и сончогледово масло. Конфликтот ги прекина испораките на храна и други производи и ја поттикна глобалната прехранбена криза со зголемените цени на житарките, маслото за јадење, горивото и ѓубривата.
Во моментов повеќе од 20 милиони тони житарки чекаат во украинските силоси бидејќи пристаништата се блокирани. Русија, пак, за возврат бара ублажување на санкциите кои го нарушија производството на ѓубрива и извозот на житарки.
Рускиот претседател Владимир Путин во разговорот со турскиот претседател Таип Ердоган изјави дека Русија е подготвена да дозволи непречен извоз на жито од украинските пристаништа во координација со Турција.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба напиша на Твитер дека земјата работи на меѓународна операција предводена од ОН со морнариците на трети земји за да се обезбеди безбедна трговска рута за извоз на храна.
Реалноста е малку потешка
Скептицизам постои кога станува збор за постигнување договор. Во текстот што го објави „Агрархеуте“ може да прочитаме дека самата најава за деблокирање на пристаништата придонесе за намалување на цените на житата. Во вторникот цената на европската пченица падна за 15 евра на 392 евра за тон, колку што беше и вчера на париската берза EuroNext. Ова е првпат во последните три недели цените да паднат под 400 евра.
Иста е ситуацијата и на трговската берза во Чикаго каде што цената на пченицата падна за 70 центи на 10,87 долари за бушел.
Сепак, се очекува нов раст. Во реалноста, повторното отворање на пристаништето нема да помине без проблеми, бидејќи натоварените бродови долго чекаат закотвени.
