Во неколку наврати во јавноста имаше информација дека исплатата на субвенциите за произведен и предаден тутун во откупни претпријатија не се извршува бидејќи се чека изгласување на предлог – измени на законот за земјоделство и рурален развој со кои се предвидува одложена примена на законските одредби за проверка на земјоделските стопанства за доспеани, а неплатени обврски спрема Управата за јавни приходи.
За што точно станува збор?
Во 2015 година се донесоа законски измени со кои вметна и нов услов, а тоа е дека земјоделските стопанства не треба да имаат неплатени обврски по основ на неплатени даноци и придонеси за кои е надлежна Управата за јавни приходи. Ваквиот дополнителен услов предизвика проблеми во имплементацијата на програмите уште во тековната 2015 година, поради што се одложи примената на истиот за една година.
Оваа пракса на одложување на примената на оваа одредба се повторува секоја година (2015 – 2021) се со цел да не постојат пречки за исплата на субвенциите за земјоделците, пред се за тутунарите. Според нашите информации и во 2022 година до собранието е предложено да се одложи примената на одредбата во делот неплатени обврски спрема УЈП. Засега, овие измени се на разгледување при собраниската комисија за земјоделство и се чека закажување на второто читање.
Од платежната агенција потврдуваат дека податоците за предадениот тутун во откупни претпријатија се обработени и средствата за исплата на субвенциите се обезбедени. Калкулациите се дека со исплатата ќе бидат опфатени над 17.000 тутунари, а на нивните сметки би се слеале 1.3 милијарди денари по основ субвенција за произведен и предаден тутун.
