Украина оваа година засеала околу седум милиони хектари пролетни култури, што е за 25 до 30 отсто помалку во однос на истиот период во 2021 година и тоа е условено, освен со војната и со временските услови, соопшти Министерството за аграрна политика и храна на Украина.
„И покрај тешкотиите, првенствено во логистика, се сее“, рече на прес-конференција министерот Микола Солскиј и додаде дека годинашната сеидба е со послаб квалитет од ланската, а помала е и површината под пченка.
„Имаат помалку пари за хербициди. Штедат на дизел. Често губат време поради полицискиот час или транспортот на опрема. Проблем е и складирањето на горивото. Поради сето ова сеидбата трае подолго од стандардната”, рече министерот.
На конференцијата било речено дека окупаторот продолжува да краде украински житарки, а загубите досега се најмалку 125 милиони долари.
Дали е неизбежна кризата со храна?
Со оглед на тоа што Украина и Русија покриваат 29 отсто од светскиот извоз на пченица, нема сомнеж дека поради целата ситуација која секој ден се влошува ќе дојде до криза со храна.
Дополнителен проблем е што за оваа година се предвидува суша.
На пример, според проценките на USDA, производството на јачмен во Турција е речиси преполовено, на 4,5 милиони тони во маркетиншката 2021/22 година, сето тоа поради сувото време, пренесува APK-inform.
Иако во априлската прогноза USDA ја намали домашната потрошувачка на јачмен во Турција на 7,3 милиони тони во маркетиншката година 2021/22, што е намалување за 18 отсто на годишно ниво, значително помалиот род бара поголем увоз. Така, во 2021/22 година би можела да увезе рекордни 2,8 милиони тони јачмен, што е за 2 милиони тони повеќе од претходната година.
Ова ќе има силно влијание врз нивниот извоз на брашно во што се први во светот. Турција во јуни и ноември увезла 1,7 милиони тони јачмен, од кои 668 илјади тони од Украина, 665 илјади тони од Русија и 240 илјади тони од Романија.
Дека Русија ќе ожнее 87 милиони тони пченица во 2022 година, наспроти рекордните 86 милиони тони произведени во 2017 година, предвидува Елена Турина, раководител на одделот за аналитика на Руската унија за жито.
Кога станува збор за пролетната сеидба Турина вели дека повеќето региони, особено во Сибир, Волга и централниот дел ќе ги прошират засеаните површини под пролетни култури, пренесува Finmarket.
„Русија лани произведе 23 милиони тони пролетна пченица, а оваа бројка би можела да се надмине оваа година. Така вкупното производство ќе надмине 87 милиони тони“, нагласила таа додавајќи дека вкупното производство на житарки и мешунки би требало да биде 130 милиони тони.
