Недостигот на пченица на светскиот пазар предизвикан од војната во Украина и сушата во некои области резултираше со бум на индискиот извоз на пченица, а земјоделците добиваат рекордно високи цени за нивната жетва, пренесува Euractiv.
Имено, богатата жетва и растот на цените на житарките совршено се поклопија, што им даде можност на тамошните земјоделци да го продаваат житото по највисоки цени. Високите меѓународни цени, последователните рекордни жетви на посевите, ослабените рупии во однос на доларот и подобрената внатрешна логистика ги направија пратките од Индија привлечни за трговците.
„Ова е златна можност за Индија да ги извезе своите вишоци“, рече Нитин Гупта, потпретседател на компанијата Olam Agro India.
Египет ги намали критериумите
Испораките на пченица достигнаа рекордни 7,85 милиони тони во фискалната година заклучно со март, што е за 275 отсто повеќе од претходната година. Понатаму, се предвидува извозот да достигне 12 милиони тони во фискалната 2022/2023 година, што ја прави Индија еден од најважните извозници.
Паралелно со промените на светскиот пазар, оваа земја работеше на подобрување на асортиманот и земјоделските техники со цел да се зголеми квалитетот на реколтата. Иако порано главно произведуваа добиточна пченица, сега се фокусираат на одгледување квалитетни лебни и дурум сорти. Од друга страна, се појави Египет како главен увозник кој претходно купуваше пченица од Русија и Украина. Со укинувањето на тој извор, оваа земја се сврте кон алтернативни пазари. А за да можат да увезуваат пченица од Индија морале да ги намалат критериумите.
Временските услови во Индија се поволни за одгледување житни култури во последните години, што го фаворизира нивниот извоз. Тамошните трговци потпишле договори за извоз на пченица по цена меѓу 330 и 335 долари за тон, што е речиси 50 долари за тон поевтино од конкурентските добавувачи. Големите залихи на пченица и растот на светските цени овозможија пониски цени, но сепак далеку над локалните.
