Дека Европејците сакаат да користат пестициди говори и фактот што нивната продажба во периодот меѓу 2011 и 2020 година во Европската Унија е многу стабилна. Со отстапувања од ± 6 отсто, главно се движи во количина од 350.000 тони различни средства.
Според податоците на Евростат, во 2020 година биле продадени нешто помалку од 346.000 тони. Најголем обем е постигнат кај фунгицидите и бактерицидите (43 проценти), потоа хербицидите, десикантите како и хербицидите за мов (35 проценти) и инсектицидите и акарицидите (14 проценти).
Уделот на неоргански фунгициди (кои содржат бакарни соединенија, неоргански сулфур и други неоргански фунгициди, од кои многу се дозволени во органското земјоделство) е 57 проценти, или повеќе од половина од фунгицидите и бактерицидите продадени во ЕУ во 2020 година.

Главните земјоделски производители во ЕУ (Германија, Шпанија, Франција и Италија) се и најголеми купувачи во сите групи на пестициди.
Во 16 земји членки на ЕУ за кои се достапни податоци, забележан е пад од седум отсто за сите главни групи активни пестициди. Така, во 2011 година се продадени речиси 252.000 тони, а во 2020 година 233.500 тони. Овие земји учествуваат со 67% од вкупната дистрибуција на овој вид производи во ЕУ.
Помеѓу 2011 и 2020 година, 11 од 16-те земји членки забележале пад на продажбата. Највисок пад е евидентиран во Чешка (-38 проценти). Португалија, Данска, Романија, Белгија и Ирска, исто така, пријавија послаба продажба, за најмалку 20 отсто помала.
Спротивно на тоа, Австрија (+61 отсто) и Латвија (+77 отсто) пријавија значително поголема продажба во споредба со 2011 година.
