Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи вчера ја посетија компанијата „БиМилк“ во Битола, една од најголемите компании во млечната индустрија, по повод 70 години постоење и работа на македонскиот пазар.
„Успехот на секоја македонска компанија е успех за државата. Ми претставува чест и задоволство што заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи сме во посета на првата млекарница во државата токму по повод 70 години постоење и работа на македонскиот пазар.

Им честитам на раководството и вработените во компанијата за овој голем јубилеј.
„БиМилк“ денес претставува наш препознатлив бренд и двигател на млечната индустрија во земјава. „БиМилк“ е значаен стопански фактор. Поддржувач на локалната економија и на фармерите млекопроизводители и учесник во општествените процеси со силна поддршка на заедницата, во рамките на својата општествена одговорност како темелна вредност на компанијата.
Денес „БиМилк“ го обезбедува домашниот и пазарот во регионот со повеќе од 80 производи. Директно вработува 220 луѓе, а заедно со соработниците и компаниите со кои соработува, овозможува егзистенција на околу 1.500 семејства во земјата.

Успехот на оваа компанија од млечната индустрија се должи на имплементирање развојна стратегија насочена кон фармерите млекопроизводители и континуирано вложување во нова, современа технологија за унапредување на работата.
За тој тип на иницијативи и деловна храброст, и во услови на криза, Владата континуирано издвојува средства за поддршка на компаниите и создаваме услови за раст на платите.
Во услови на пандемија, донесовме и имплементиравме шест пакети антикризни мерки, кои се проценети на вредност од околу 1,2 милијарди евра. Со оваа ефикасна антикризна стратегија која беше признаена и од меѓународните институции како Меѓународниот монетарен фонд, беа сочувани околу 60-80.000 работни места и беа поддржани преку 20.000 компании.

Ова само ја потврдува определбата на Владата за одговорно владеење и грижа за стандардот на граѓаните и унапредување на економијата.
Намаленото ДДВ за основни производи на 0% како и замрзнувањето на маржите овозможи цените на овие производи да не пораснат неконтролирано со што животниот стандард на граѓаните е заштитен, а потрошувачката кошничка пополна.

За компаниите, овозможивме финансиска поддршка преку Развојната и комерцијалните банки преку користење на бескаматни кредити, користење на Гарантниот фонд како и поволни кредитни линии кои ќе овозможат зелена транзиција. Пред нас е период полн со предизвици за кои сум уверен дека со правилен пристап, посветено и заеднички ќе ги премостиме.“, изјави Ковачевски при посетата на „Бимилк“.

