Министерот Љупчо Николовски денеска пред Владата одржа прес-конференција на која најави дел од мерките на Националниот план за производство на храна.
„Во оваа глобална економска криза имаме обврска да обезбедиме одржливо, но и зголемено производство на домашна храна преку поддршка на домашното производство, особено на стратешките земјоделски структури. За таа цел Министерството подготви национален план за производство на храна кој ќе биде доставен до Владата.“, рече Николовски.
Министерот најави зголемена поддршка за поледелските култури, а се задржа на мерката за поддршка на пченицата како стратешка култура.
„Со планот предвидуваме измена на програмата за интервентниот фонд, односно се зголемува поддршката за вештачки ѓубрива и за пченица и ќе изнесува 4000 денари по хектар, доколку минимум е употребено 200 кг ѓубриво по хектар. Оваа мерка важи и за фолијарна прихрана на пченицата.
За оваа субвенција може да аплицираат сите земјоделски стопанства запишани во ЕРЗС кои во производната 2021/2022 година имаат засеани површини со пченица и имаат набавено вештачки ѓубрива за прихрана на посевите во период од 01.12.2021 до 31.05.2022 година. Рокот за поднесување на барања е до 15 јуни 2022 година“
Николовски најави и промени во исплатата на субвенциите.
„Се подготвува и модел за исплата на субвенцијата, за да можат земјоделците навреме да извршат прихрана на посевите под пченица. Односно, секоја недела по поднесување на барање предвидено е да се врши исплата. На пример, од понеделник до петок до 12 часот ќе се вршат прибирања на барањата во Подрачните единици на МЗШВ, потоа истиот ден се праќаат до Платежната агенција, таму се обработуваат од понеделник до среда, во четврток се носат во трезор и веќе петок се исплаќаат.
Дополнително за зголемување на производството и на приносите од пченица, воведуваме неколку измени во постоечката Програма за финансиска поддршка во земјоделство. Сите земјоделци коишто ќе остварат минимум 4.000 килограми приноси по хектар пченица, ќе добијат дополнителна субвенција од 5.760 денари по хектар. Со овие измени се опфатени околу 6.000 производители на пченица со вкупна површина од над 22.000 хектари.. На овој начин ги мотивираме земјоделците навремено и со потребните количини да извршат прихрана на посевите, за да остварат зголемено производство на пченица, и со тоа да придонесат кон вкупното зголемување на производство на пченица.
