Во Општина Карбинци интензивно се градат цевководите до осумте села, кои ќе добиваат вода од Хидросистемот „Злетовица“, а водата ќе се преработува во новата филтер-станица.
Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов вели дека градежната компанија е на терен и според направениот увид, околу 50 отсто од изградбата е завршена.
-Интензивно се градат цевководите до осумте населени места, кои ќе добиваат вода за пиење. Цевководите од филтер-станицата до населените места е во должина од околу 18 километри. Истата градежна фирма, која го има добиено тендерот ќе го гради и пристапниот пат до филтер станицата – вели Паунов.
Тој очекува во есенските месеци да се комплетира изградбата, по што ќе почне и дистрибуцијата на водата за пиење до осумте села. Паунов додаде дека веќе ги комплетираат и документите за да почне испитувањето на квалитетот на водата. Процесот е подолг, а потоа треба да ја добијат и дозволата за користење на водата за пиење.
Изградбата на филтер-станицата, но и пристапни патишта и цевководи до осумте населени места чини околу 2.700.000 евра. Средствата се обезбедени од државниот буџет. Владата одобри средства за комплетирање и целосно ставање во функција на ХС „Злетовица“, од кој вода за пиење добиваат Пробиштип, Свети Николе и Штип. Останува на него да се приклучат општините Карбинци и Лозово.
МИА
