Денеска во Штип министерот Николовски ја посети подружницата на компанијата „Витаминка“, односно фабриката за производство на масло за јадење „Брилијант“ во Штип, која покрива значаен дел од пазарот на масло за јадење во нашата земја. Николовски посочи дека дека на средбата со потпретседателот на Владата на Србија, Недимовиќ, е договорено и во делот на маслото од сончогледот во следните денови Србија да ја укине забраната за извоз за Северна Македонија.

„Со тоа сите договорени количини на фирмите за рафинирано и нерафинарано масло од сончоглед ќе бидат испочитувани. Домашните капацитети за производство на основни прехранбени производи меѓу кои и маслото за јадење, се ставени во полн капацитет, а мерките кои што беа донесени од Владата имаат за цел да се избегнат ценовните шокови и да се заштитат граѓаните. Затоа Владата ја продолжи и забраната за извоз на пченица и наполица, јачмен, пченка, брашно од пченица и наполица, семе на сончоглед, како и масла од семе од сончоглед, до 15 април, со цел заштита на домашниот пазар“, рече министерот Николовски.

Сопственикот на компанијата „Витаминка“, Симон Наумоски изјави дека од големо значење е укинувањето на забраната на Србија за Северна Македонија за извоз на рафинирано и нерафинирано масло од сончоглед и другите продукти, што ќе овозможи да има стабилност на пазарот на храна за овие производи.
Министерот Николовски изјави дека се дава силна поддршка на развојот на договорното производство, не само за сончогледот туку и за другите земјоделски култури, како најдобро решение и за земјоделците и за откупувачите, бидејќи на тој начин едните ќе имаат решен пласман, другите сигурна суровина, и крајно поголемо домашно производство, а со тоа и сигурност за граѓаните за основните прехрамбени производи.
