Министерката за земјоделство на Албанија, Фрида Крифца, денеска во Белград остварила средба со министерот за земјоделство на Србија, Бранислав Недимовиќ. Фрица изјави дека оваа недела продолжува извозот на српска пченица и пченка во Албанија и посочи дека тоа е уште една позитивна страна на регионалната иницијатива Отворен Балкан.
-На средбата утрово во Белград со министерот Недимовиќ ги потврдивме предностите што ги дава Отворениот Балкан – изјави Крифца, пренесуваат српските медиуми.
Како што навела таа, најважно е што двете страни уште еднаш потврдиле дека албанските и српските компании продолжуваат да соработуваат.
-Оваа недела се проширува соработката кога станува збор за реализација на договорите за извоз и увоз на пченица и пченка. Ова е пример за функционирање и во време на кризни ситуации како што е војната – изјави Крифца за Танјуг.
Исто така, Министерството за земјоделство на Србија утрово соопшти дека договорените количини пченица и пченка, пред забраната за извоз, ќе се реализираат во најкраток можен рок.
-Земјите од иницијативата Отворен Балкан, како и другите соседни земји, можат да сметаат на Србија како доверлив партнер во време на големи предизвици во прехранбениот сектор – изјавија за Танјуг од Министерството за земјоделство.
Претседателот Александар Вучиќ вчера изјави дека Србија што поскоро ќе дозволи извоз на договорена пченица во Албанија и додаде дека истото ќе биде случај со секоја земја во регионот.
-Србија има доволно од сѐ, што значи дека ќе има и за земјите од регионот – рече Вучиќ.
