Температурите од нула до плус два степени се многу опасни за топлољубивите посеви на зеленчук, особено за пиперките, тиквичките, лубениците, па затоа мора да се одгледуваат во заштитен простор кој треба да се загрева за да можат растенијата слободно да растат.
Како се манифестираат последиците?
Последиците од штетното влијание на ниските температури може да се манифестираат во вид на измрзнување, промрзнување или замрзнување, без разлика дали се работи за рано производство на отворен простор или есенско производство.
Измрзнувањето на растенијата може да се јави кај зелената салата и спанаќот. Овие растенија инаку се отпорни на ниски температури, но под влијание на постојани и силни мразови не се во можност да земаат вода и хранливи материи од замрзнатата почва, што доведува до нивно распаѓање и угинување.
Промрзнувањето се јавува најчесто во рана пролет, кога почвата, поради големи и нагли промени на температурата, наизменично се собира и се шири. Затоа, ситните коренчиња на кореновиот систем се кршат, не можат да ги издржат овие промени во почвата, така што растенијата не можат да внесуваат вода и хранливи материи. Доколку не се интервенира со валање, билката во вакви ситуации се уништува.
Замрзнувањето се јавува под влијание на доцните пролетни или рани есенски мразови. Во растителното ткиво, во меѓуклеточниот простор, водата замрзнува и се формира мраз. Ако растението е релативно отпорно на ниски температури, а мразот не е премногу силен и долготраен, растението успева да преживее, но само ако воздухот постепено се загрева. Меѓутоа, ако дојде до нагло затоплување, клетките се „кинат“ и растението се распаѓа.
Превентивни мерки
Во производството на зимски зеленчук најчесто се применуваат превентивни заштитни мерки. однапред се планира садење или сеење на западната закосеност на браздата, така што висината на браздата фрла сенка и ги штити растенијата од сонцето. Во утринските часови, при појава на мраз, поради засолништето, во ткивата на растението не доаѓа до нагло топење на ледените кристали, па растението без значителни последици одолева на замрзнувањето.
За овој начин на производство со плуг се извекуваат бразди во правец североисток-југозапад. Покрај засолништето од сонцето, растението е заштитено и во браздата од студените северни ветрови.
Превентивна мерка против мраз може да се направи и со покривање на растенијата со некој материјал (на пример, фолија) или се покриваат со земја.
