Европскиот пазар на ѓубрива е под притисок поради конфликтот во Украина. Компаниите најавија намалување на производството поради недостиг на суровини кои главно ги увезуваа од Русија и Украина.
Голем број руски компании кои се занимаваат со суровини и ѓубрива купиле или се обиделе да купат европски погони за преработка во претходниот период. Радослав Ивански ги анализирал овие односи за полскиот портал Фармер.
Тој наведува дека на почетокот на февруари годинава е постигнат договор меѓу EuroChem AG и Borealis Group. EuroChem е руски гигант кој е меѓу првите производители на азотни ѓубрива во Русија. Borealis е исто така производител на азот, контролиран од австриската OMV. Според договорот, руската компанија требало да го преземе Borealis, а трансакцијата чија вредност се проценува на 455 милиони евра, треба да се изврши во втората половина на 2022 година, откако ќе ја одобрат европските антимонополски власти, напиша Ивона Вишневска, аналитичарка во Центарот за источни студии.
Групацијата Borealis има производствени капацитети во Австрија, Германија и Франција, како и продажна и дистрибутивна мрежа. Концернот продал 3,9 милиони тони производи во 2020 година, а приходите изнесуваат 908 милиони евра. Покрај вештачките ѓубрива, тој е и важен производител на полимери кои се користат во многу сектори на економијата. Со преземањето на Borealis, EuroChem би ја искористил ситуацијата на пазарот на гас во Европа. Сега цените се зголемија уште повеќе и профитабилноста на производството на ѓубрива во Европа ќе биде многу ниска.
Руската компанија може да има проблем да најде купувачи за своите ѓубрива поради санкциите и пристапот од европските потрошувачи. Ова е особено изразено во случај на производство стационирано во Русија, каде што цените на гасот се многу ниски. Покрај во матичната земја, компанијата има погони и во Казахстан, Белгија и Литванија. Во 2020 година продала повеќе од 25 милиони тони производи, вклучувајќи 8,9 милиони тони азотни ѓубрива, а вкупниот приход бил 6,2 милијарди долари. Регистрирана е во Швајцарија, а целото производство се базира на фабрики на исток. Компанијата му припаѓа на рускиот милијардер Андреј Мелниченко, кој е вклучен во листата на западни санкции, а тоа може да го блокира неговото преземање на групата Borealis.
Вишневска навела дека EuroChem го зајакнал своето присуство на светскиот пазар, во најатрактивните земјоделски региони.
Друг руски хемиски гигант е UralChem, кој му припаѓа на Дмитриј Мазепин, чие богатство се проценува на 1,3 милијарди долари. Компанијата е најголемиот руски производител на амониум нитрат.
Ресурсите на Русија вредат милијарди долари
Нафтата, гасот и суровините за ова производство им носеле милијарди профити на руските олигарси и на Руската Федерација низ годините. Богатството на земјата скриено под површината на земјата ја направи Русија еден од најголемите производители на минерални ѓубрива во светот.
Западниот свет зборува за санкции наметнати на Русија и нејзините олигарси поради нафтата и гасот. Американците веќе го затворија својот пазар за овие производи, додека земјите од Европската Унија се уште зборуваат за тоа. Ивански во својата анализа прашува што стана со забраната за увоз на ѓубрива од Русија и Белорусија и дали воопшто е можно воведување забрана.
Пред неколку дена руските медиуми објавија дека Кремљ им наложил на руските производители на ѓубрива да не ги продаваат надвор од Русија. Не е познато дали санкциите наметнати на олигарсите ќе значат дека стоката (на пр. азотни ѓубрива) произведени во нивните фабрики автоматски ќе бидат предмет на санкции и нема да можат да се пласираат на пазарот на Европската Унија. Вишневска рече дека забраните што им се изречени се однесуваат на нивниот имот, нивните удели во фирми или сметки се замрзнати.
„Средства може да пристигнат, но немаат пристап до нив, тие секако можат да се повлечат од акциите на компанијата и да го отстранат проблемот од неа. За да се блокира увозот, такво ограничување би требало да се воведе на ниво на ЕУ, што е не е случај во моментов“.
