Кинескиот претседател Си Џинпинг рече дека Кина мора да има сигурност во однос на житариците и да се потпира на домашниот пазар за да го одржи производството, објави Ројтерс.
„Не смееме да мислиме дека проблемот со храната не е толку важен и не смееме да се потпираме на меѓународниот пазар“, рече тој на состанокот со делегатите од Народната политичка консултативна конференција на Кина (CPPCC). Тој нагласи дека државата треба да го гарантира снабдувањето на своите граѓани и соодветно да увезува житни култури. Изјавата дојде во време на прекин на глобалниот синџир на снабдување поради војната меѓу Русија и Украина, двата најголеми производители на жито.
Си рече дека Кина треба да го стабилизира производството на храна и пченка и да го прошири производството на соја и маслодајни семиња. Тој, исто така, повика на развој на семенска индустрија поврзана со националната безбедност.
Неповолни временски услови
Но, и на Кина ѝ претстои тешка година. Имено, кинескиот министер за земјоделство открива дека состојбата на посевите со зимската пченица може да биде најлоша во историјата бидејќи пред сеидбата немало врнежи. Една третина од површините под пченица е засеана со значително задоцнување. Се очекува приносите да бидат пониски за повеќе од 20 проценти.
Веќе има недостиг на житарици во Европа, а настаните во Украина доведоа до прекини во снабдувањето што резултираше со пораст на цената на пченицата на највисоко ниво во последните четиринаесет години. Според плановите на кинеската влада, предвидено е зголемување на производството на соја и други маслодајни семиња, а земјава ќе ја зголеми и стапката на производство на пченка.
Увозот на пченка во 2021 година достигнал рекордни износи поради ниските залихи и скоковите на домашните цени.
Инвестирање во осигурување на посевите
Земјата издвои 1,6 милијарди јуани (253,40 милиони долари) за стабилизирање на производството на зимска пченица, соопшти нивното Министерство за финансии.
Исто така, владата ќе обезбеди 6,59 милијарди долари осигурување на посевите во 2022 година, што е за 30,8 отсто повеќе од претходната година.
Целото обработливо земјиште ќе биде наменето за земјоделско производство, особено житни култури, со цел да се заштити површината на земјоделското земјиште и побрзо да се заживее семенската индустрија.
