Ако нема онлајн земјоделство, има онлајн пазар, има виртуелни тезги, има приказни и животни стории на нашите жени од руралните средини, потенцира директорката на Рурална коалиција, Лилјана Јоноски, осврнувајќи се на овој прв интернет пазар наменет токму за жените од руралните средини.
„Наша тезга“ профункционира кон крајот на минатата година и веќе има над 100 жени членки кои го промовираат домашното производство на храна од сите осум плански региони. На страницата може да се прочитаат и нивните животните приказни, да се научи повеќе за традицијата на нашето домашно производство.
До „Наша тезга“ може директно да се пристапи преку https://www.nasatezga.mk/ каде што воедно може и да се купат производи со што директно се придонесува за економско јакнење на руралните жени.
-Со тоа всушност придонесуваме и тие да излезат од сенката на невидливоста и неформалната економија, но и го поддржуваме домашното производство на храна. На платформата може да се најдат најразлнични, нови, иновативни, интересни, но пред се здрави производи, како чипс од лешници, чипс од јапонски јаболка, сушени јаболка со цимет, природен чај од нашите планини, џемови, мармалади, сокови, мед и други пчелини производи, природна козметика, рачни изработки, сирења, кашкавали,… Ваквиот онлајн пазар се градеше повеќе од година и половина, а богатата понуда на земјоделски производи и преработки може да се види низ посетата на повеќе од 100 виртуелни тезги или профили на жените од руралните средини кои што се дел од платформата, напоменува Јоноски.
МИА
