Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски најави дека оваа година во пелагонискиот регион ќе има силна градежна активност.
„Драго ми е што од Битола можам да најавам силна градежна офанзива во Пелагонискиот регион.
Со одлична динамика се гради експресниот пат од Градско кон Прилеп.
Наскоро започнуваме со рехабилитација на Плетвар.
Рехабилитација на правецот Битола – Меџитлија.
Ги завршуваме постапките за издавање дозвола за употреба на железничката пруга Битола – Кременица
Автопат Прилеп – Битола.
Рехабилитација на Битола – Ниже Поле (втора фаза).“, рече Бочварски.
Бочварски потврди дека е завршен тендерот за патниот правец Битола-Меџитлија кој води до границата со соседна Грција. Воедно најави решавање на проблемот со регионалениот патен правец Демир Хисар-Кичево на кој деновиве низ протести посочуваат жителите од Демир Хисар.
-Завршен е тендерот за патниот правец Битола-Меџитлија, а во моментов се работи на избор на најповолен изведувач кој ќе почне со рехабилитација на патниот правец од Битола до Меџитлија кој е многу значаен. Паралелно завршува постапката за проектирање на нов експресен пат кој е значаен за цел пелагониски регион, изјави Бочварски.
Тој најави дека ќе разговара со жителите од Демир Хисар за да се видат можностите и да им се излезе во пресрет на граѓаните.
– Државата веќе изврши рехабилитација на 12 километри патна мрежа и се подготвуваме во нашите програми да изработиме постапки и можност оваа пролет да рехабилитираме уште 12 километри пат кој е многу оштетен. Тоа го правиме во координација со локалното население затоа што тој патен правец не е рехабилитиран од 1976 година и тоа само по себе говори дека треба да направиме крупни чекори за да се тоа што било пропуштено во минатото токму денес го решиме и ние тоа ќе го направиме, изјави министерот Бочварски.
Министерот Бочварски најави итна реконструкција на најоштетените делови од регионалниот пат за да се подобри безбедноста на овој патен правец што беше и едно од главните барања на жителите од овој регион.
Реконструкцијата ќе се изврши преку ЈП за одржување на регионалните и магистралните патишта.
– Утрово имавме координација и изнајдовме средства за реконструкција на овој патен правец со што верувам дека ќе ја подобриме безбедноста на патот. Бидете сигурни дека повторно ќе дојдеме со директорите овде и лично ќе се уверите дека ова што го зборуваме за реконструкција на патот ќе се реализира со отворање на асфалтните бази, изјави Бочварски пред жителите на Сопотница.
Директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми истакна дека во завршна фаза е изработката на проектот за реконструкција на целиот патен правец од Демир Хисар до Другово во должина од 42 километри. Овој патен правец ќе се реконструира следната година откако ќе се завршат сите јавни постапки.
Директорот на јавното претпријатие за одржување на регионалните и магистрални патишта Костадин Ацевски потенцираше дека реконструкцијата ќе ја врши ова јавно претпријатие со започнување на работа на асфалтните бази.
