Менде Ивановски беше претседател на македонската асоцијација на земјоделски задруги во државата, како и претседател на управниот одбор на земјоделската задруга „Ресгруп“ од с. Волкодери, Ресен.
Ивановски беше поборник за здружување на земјоделците во задруги, кои овозможуваат поголема конкурентност, пристап до пазарите, поголем профит, намалување на производните трошоци и друго.
– Земјоделците треба да знаат дека само здружени и преку форми на задруги може да имаат решение за нивните проблеми околу пласманот на производите. Сѐ уште кај нив влијае искуството од порано во времето на СФРЈ и како функционираа задругите тогаш, но сепак се трудиме да го надминеме ова размислување – рече Ивановски во интервјуто за Агротим во 2020 година.

Ивановски сметаше дека токму затоа треба да се влијае на свеста на задругарите за бенефитите кои ги имаат при користење на заедничката механизација, здружување на работната сила, заедничко аплицирање за грантови и државна помош, окрупнување на земјoделските површини, користење на стандарди во производството, пристап до поголемите трговски синџири и разни други заеднички активности.
– Во свеста на нашите земјоделци се уште има бариери за следење и примена на принципите на задругарството. Мора да си признаеме дека големо влијание има недоволната информираност и потребата од едукација за да се надмине тој отпор кон земјоделските производители да станат активни членови на задругите. Тие имаат многу дилеми, профитабилноста, начинот на финансирање, какво е нивното функционирање, која е нивната улога и одговорност – се зборовите на Ивановски.

