Вчера (10.02) земјоделците протестираа на повеќе места во Србија барајќи поевтини минерални ѓубрива и дизел гориво, како и поголеми суми за субвенции по хектар. Членови на здружението „Доловачки паори“ одржале протестно возење со дваесетина трактори, а протестот го обезбедувала полицијата, јавува РТВ.
„Со овие цени на пазарот веќе не може да се работи, освен со загуба. Цената на увезеното ѓубриво од 750 евра за тон треба да биде малопродажна цена, а државата да ја субвенционира набавката со 30 динари за килограм, за секој од нас да може да фрли 300 килограми ѓубриво по хектар, за да имаме нормални приноси. Мислам дека државата може и мора да го направи тоа и да ни излезе во пресрет“, изјави за Танјуг претседателот на „Доловачки паори“, Марко Бојтар.
Својот револт вчера го искажаа и баточинските земјоделци во шумадискиот регион каде што се собрале 50-тина земјоделци со 20-тина трактори.
„Излеговме да протестираме затоа што 30 години постојано сѐ се прави наопаку против земјоделството и човекот што е на село. Најголем проблем е што вештачките ѓубрива и горивото се ненормално скапи, а субвенциите се намалени. Прашање е како ќе преживееме. И тоа е најголемата причина што излеговме“, изјави за Агроклуб Зоран Тодоровиќ, земјоделец од Баточина и еден од организаторите на протестот.
Според Тодоровиќ, овој договорен собир без блокирање на патиштата бил организиран за поддршка на селаните и завршил со протестно возење низ центарот на Баточина.
„Ако никој не го слушне овој глас, ќе продолжиме со протестите, ова е само почеток“.
Како што пренесува N1, незадоволни биле и земјоделците од околината на Краљево.
„Сега сакаме секое село, секој регион да излезе еден по еден да го блокираме патот? Ќе ги повикаме и семејствата, ќе излеземе со децата, ќе излеземе сите. Ова е последен пат, ние веќе не можеме издржи веќе. Српскиот селанец денес е на колена, тој е осиромашен“, изјави за N1 Предраг Вељковиќ, земјоделец од Роќевиќ.
Српските медиуми јавуваат дека за денеска е најавен протест на земјоделците од Шабац, а тој протест симболично ќе го наречат „Минута до дванаесет“.
Земјоделците од Браничевската област го одложија планираниот протест бидејќи на средба со претставници на Министерството за земјоделство на Србија постигнаа договор за дополнителни субвенции за откуп на ѓубрива од страна на градот Пожаревац и учество на нивните двајца членови во изготвувањето на законот за професионален земјоделец.
