Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски изјави дека денеска, по средбата со производителите на јаболка во Ресен, ќе соопшти какви мерки ќе се преземат во однос на барањата на оризарите кои вчера го блокираа магистралниот пат Штип – Кочани.
Се размислува, нагласи министерот, за интервентно делување, а веќе се прават и проценки колку од оризот се уште не е откупен, по што ќе се изнесе и конкретен предлог за дополнителна поддршка.
Николовски напомена дека досега оваа Влада за 300 отсто ги зголеми субвенциите за производството на ориз. Укажа и на одредени злоупотреби кои му ги посочиле производителите на ориз за време на средбата во Кочани, но тие допрва, како што рече, ќе се анализираат и испитуваат.
Николовски порача дека мора да се стави крај на политичките поделби меѓу производителите.
-По средбата со јаболкопроизводителите, ќе ја видиме состојбата и таму по што заеднички ќе излеземе со конкетни мерки за двата региона, и за производителите на ориз и за производителите на јаболко. Имаме и интервентен фонд од 250 милиони денари кој прв пат годинава ни е на рапсолагање. Ќе разгледаме се што е можно да помогнеме. Би порачал само, дека не сакаме никаква партизација, ниту политизација, тука сме за поддршка на земјоделците, тоа е наша обврска, информира министерот.
Николовски потсети дека неговата прва средба откако се врати на фунцкијата беше токму во Кочани, со оризопроизводителите, но на неа не дошол градоначалникот иако бил повикан.
– Со производителите имавме конструктивна дебата, беа изнесени низа предлози и идеи. Разговаравме за можностите за интервентни мерки. Ги знаеме пробемите, ги слушнавме на терен, на лице место. Правиме анализи колку ориз е се уште неоткупен, по што ќе излеземе со конкретен предлог за дополнителна поддршка. Секако дека во рамки на Програмата и расположливите средства, ќе реагираме. Не е лесно кога треба да се обезбедат пет или 10 милиони евра пари на граѓаните. Во Кочани бев информиран дека има и одредени злоупотреби, вклучување на трговците, на разни трети страни и големи средства се излеани по тој основ. Очекувам испитувања на сите овие информации кои производителите ги доставуваат до нас, рече Николовски.
Осврнувајќи се на субвенциите, потенцира дека едно време тие изнесувале 6.000 денари за хектар, по што оваа Влада ги зголемила на 18.000, а оние од 12.000 на 25.000, па дури и на 30.000 за хектар што е 300 проценти.
-За 300 проценти се зголемени субвенциите токму за да го заштитиме „белото злато“ и да ги поддржиме производителите. Ја воведовме и „зелената нафта“, а некоку илјади оризопроизводители се корисници на оваа мерка. Годинава, еве, го зголемуваме и тој износ, а носевме постојано и интервенти мерки, по пет денари во 2018 и 2019 година, неодамна имаше и мерка – три денари која важеше за оризот од 2019 и 2020 година и заврши на 25 декември 2021, подвлече Николовски.
Според Николовски, воведувањето нови мерки не значи дека тие што ги откупуваат земјоделските производи треба тоа да го вкалкулираат во цените и да ги намалат. Ќе има, рече, остри реакции и контроли за сите манипулации зашто мора да се цени трудот на производителите.
Производителите на ориз од кочанскиот регион вчера со земјоделска механизација ја блокираа едната коловозна лента на магистралниот пат А3 во селото Облешево, изразувајќи незадоволство од ниските откупни цени на арпата и белиот ориз, како и од драстично зголемените трошоци за ѓубрива, заштитни препарати и други давачки. Тие бараа средба со министерот Николовски и со финансиската поддршка од три денари за килограм арпа, обезбедена од КОВИД мерките, да бидат опфатени сите оризопроизводители, наместо само некои, како и рокот да биде продолжен до септември оваа година.
