Ветеринарната инспекција на Сараево, БиХ наредила уништување на повеќе од 105.000 литри млеко и повеќе од 35.000 килограми млечни производи поради утврдената нелегална количина на афлатоксини.
Како дел од официјалните контроли насочени кон здравствената безбедност на сировото млеко наменето за понатамошна обработка, инспекторите констатирале неусогласеност во шест од 22-те мостри во изминатите два месеци. Така, кај 27,27 отсто од нив е потврдено присуство на афлатоксин М1 над максимално дозволените количини од 0,05 микрограми на килограм.
„Донесена е мерка за забрана за користење и промет на неисправно млеко и наредено е уништување на вкупно 105.360 литри млеко и 35.641 килограм млечни производи, во кои, врз основа на податоците за следливост, е опфатено спорно сирово млеко“, изјавиле од Кантоналната инспекција.
Храна за животни
Со оглед на тоа што појавата на афлатоксини во млекото е последица на хранење на млечни говеда со храна контаминирана со афлатоксин Б1, од инспекцијата се извршени дополнителни контролни активности, со што се потврдила неусогласеноста кај два испитани примероци од добиточна храна.
Од таа причина, донесени се мерки за забрана на употреба и безопасно депонирање за постоечката количина на добиточна храна – концентрат во количина од 16.400 килограми, потврдија од Управата.
Бидејќи храната за животни во БиХ најмногу се увезува, претежно од Србија и Унгарија, Инспекторатот за ветеринарна инспекција ги информирал надлежните органи и инспекции, вклучително и Ветеринарната канцеларија на БиХ, за констатираните неусогласености, со цел да се преземат активности од нивна надлежност, особено на граничната ветеринарна инспекција.
Напоменуваат дека обезбедувањето исправна вода и добиточна храна е една од општите, превентивни мерки за заштита на здравјето на животните, што согласно Законот за ветеринарна медицина на БиХ е обврска на чуварите и сопствениците на животните. Целта на овие активности е пред сѐ заштита на здравјето на суровините и производите од животинско потекло наменети за јавна потрошувачка, а во таа насока директно се постигнува заштита на здравјето на луѓето.
Развој на мувла
Микотоксините во добиточната храна се последица на развојот на мувлата, а за да се спречи нивното формирање, клучно е да се спречи растот на мувлата преку обезбедување соодветни микроклиматски услови, пред сѐ влажност, која заедно со топлината, е погодна за развој на мувлата.
Инспекторатот ја нагласува потребата од контрола во сите фази на производство, собирање, транспорт, преработка, складирање и понатамошна продажба на храна за млечни говеда. Тие исто така посочуваат дека контаминираните млечни производи, како што е сирењето, може да содржат и до неколку пати повеќе афлатоксини, на што предупредува и Европската управа за безбедност на храната (ЕФСА).
