Секторот за даноци и такси од општина Куманово информираше дека согласно измените и дополнувањата на Законот за даноци, обврзниците кои поседуваат земјоделско земјиште ќе треба да достават изјава заверена кај нотар со која ќе потврдат дали земјиштето го користат за производство.
Општина Куманово на веб-страницата објави дека даночните обврзници согласно законските измени на Законот за даноци на имот кои почнаа да се применуваат од 1 јануари годинава, при поднесување на даночна пријава, во која како предмет на оданочување е земјоделско земјиште, покрај останатите списи кои се поднесуваат во прилог на даночната пријава, потребно е да се достави и изјава заверена од нотар, со која даночниот обврзник изјавува за која намена ќе го користи земјоделското земјиште, односно дали земјоделското земјиште ќе се користи за земјоделско производство или не.
– Согласно Закон за изменување и дополнување на Закон за даноците на имот (Службен весник бр. 151/21 од 06.07.2021 година) има одредени измени во законските одредби со кои се утврдува пресметувањето на данок на имот. Една од нив е и измената на член 6 од Закон за даноците на имот согласно која ставот 3 каде беше предвидено дека „Стапките на данокот на имот за земјоделско земјиште кое не се користи за земјоделско производство можат да се зголемат од три до пет пати во однос на стапките пропишани во ставот 1 на овој член, со измената гласи: – стапките на данок на имот за земјоделско земјиште кое не се користи за земјоделско производство се зголемуваат три пати во однос на стапките пропишани во ставот 1 на овој член. Тоа значи дека земјоделското земјиште што не се користи за земјоделско производство од отпочнување на примена на оваа одредба, а тоа е од 01.01.2022 веќе се оданочува по стапка зголемена за 3 (три) пати во однос на стапките за данок на имот определени со одлука за утврдување на висина на стапките на данок на имот, данок на наследство и подарок и данок на промет на недвижности во Општина Куманово на совет на Општина Куманово број 09-6589/21 од 31-август лани, изјави раководителот на секторот за даноци и такси, Ненад Стојановски.
За таа цел, секторот за даноци и такси, при поднесување на даночна пријава во која предмет на оданочување е земјоделско земјиште ги обврзува даночните обврзници покрај останатите списи да достават и изјава заведена од нотар со која изјавуваат за која намена ќе го користат земјоделското земјиште, односно дали ќе служи за производство или не. Секторот ќе формира Комисија за утврдување на намена на користење на земјоделско земјиште.
– Комисијата на лице место ќе утврдува дали земјоделското земјиште се користи за земјоделска обработка или не, како и ќе се обрати до други институции како на пример Министерство за земјоделство да добие дополнителни информации дали лицето користи субвенции, а тоа ќе значи дека земјоделското земјиште се користи за земјоделско производство, односно ќе прибави и дополнителни информации за поткрепа на изјавеното, појаснува Стојановски.
Доколку обврзниците не го пријават земјоделското земјиште кое нема да се користи за земјоделско производство ќе платат данок по стапка пет пати повисока од пропишаните стапки во ставот (1) на овој закон (став 5, член 3 од Закон за изменување и дополнување на Законот за даноци на имот одредбата се однесува и за останатите даночни обврзници-државата, општините, како и физички и правни лица кои нема да пријават дека не користат недвижен имот кој е во нивна сопственост, ќе платат данок по стапка пет пати повисока од пропишаните стапки во став 1 на овој член.
По однос на останатите измени во Закон за изменување и дополнување на Законот за даноци на имот во членот 3, став 4, предвидено е дека стапките на данок на имот за другиот недвижен имот кој е во сопственост на државата или на општините, како и во сопственост на физички и правни лица, а кој не се користи од сопственикот или не се издава под закуп подолго од шест месеци во текот на една година, се зголемуваат за три пати во однос на стапките пропишани во став 1 на овој член.
Извор: МИА
