Денеска, заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, официјално му ја предаде функцијата на новиот министер Љупчо Николовски. Примопредавањето се случи на терен, на откупен пункт на тутун во населбата Драчево. Со ваквото примопредавање праќаме силна порака, секогаш ќе бидеме на терен со земјоделците, за заеднички да создаваме мерки и да ги решаваме проблемите, порача Николовски.
„Сакам уште еднаш, токму тука на терен каде што го правиме нашето примопредавање, со земјоделците, со тутунарите, а не во кацеларија, да пратиме порака дека ќе продолжиме да бидеме со земјоделците. Тоа е наша обврска. Го отворивме во 2017 година Министерсвото за сите оние за коишто ги решававме проблемите и дававме помош и поддршка. Повторно го прифатив предизвикот и барањето од мандатарот Ковачевски иако сум дел од тие кои не сметаат дека цел живот треба да се занимаваме со политика. Барањето беше поради резултатите и поради сето она што го испорачавме во претходниот период. Да ја вратиме довербата кај земјоделците, да продолжат крупните проекти, капиталните инвестиции и навистина да продолжиме со грижата за земјоделците. 2017-2019 година сметам дека направивме многу битни работи. Пред сѐ после 11 години започна редовна исплата на субвенции. Земјоделците станаа партнер на државата, на Министерството и субвенциите започнаа да ги добиваат на време. Првата работа што ја направивме беше воведување на нов модел на субвенционирање на тутунот, односно воведување на субвенционирање по класи, односно го зголемивме субвенционирањето од 60 на 80 денари. Земјата започнавме да ја враќаме на вистинските земјоделци, ја воведовме мерката за субвенционирање на зелената нафта и во оваа програма до крајот на мандатот целосно ќе ја субвенционираме зелената нафта со цел постојано да креираме мерки за намалување на производните трошоци. Го изменивме Законот за да ја зголемиме стопроцентно поддршката за младите земјоделци. Воведовме мерка за поддршка на руралните жени за да ги вклучиме во производството и во земјоделството. Станавме лидери во искористеноста на ИПАРД фондовите во целиот регион. Воведовме нови мерки за формирање семејни винарии, за продажба од куќен праг многу новини и политики преку кои го стабилизиравме секторот. Но пред сѐ ги решававме проблемите на земјоделците“, рече Николовски.

Николовски потенцираше дека денешното примопредавање е на терен заедно со земјоделците, со тутунарите, а не во канцеларија, со цел да се прати порака дека оваа пракса ќе се продолжи и во наредниот период.
„Секогаш ќе бидеме на терен со земјоделците, секогаш ќе го слушаме гласот на земјоделците, и ќе бараме решение на проблемите. Силно ќе се борам во македонската Влада за секој еден сектор во рамки на земјоделството, да ја зголемуваме поддршката, да правиме нови реформи, да се грижиме, да има повеќе пари за земјоделството, да има подобар пласман, земјата да продолжиме да ја даваме на вистинските земјоделци, да имаме што пониски трошоци за произвдството за што ние треба да се грижиме и државата секогаш да помага. И овој прв ден го започнуваме не од министерството туку на терен на средби и ќе продолжиме секој ден со интензивни теренски средби со земјоделците. Само така може да ги дознаеме вистинските проблеми и само така може да наоаѓаме решенија и поддршка за истите“, порача министерот.
Николовски посочи дека и во наредниот период, Владата со преку 200 милиони евра годишна вкупна финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ќе ја продолжи поддршката за развојно и одржливо земјоделство.


